filip vtori

Отворен новиот објект на Специјалната болница по хируршки болести „Филип Втори”

Новиот објект на Специјалната болница по хируршки болести „Филип Втори“, според највисоки светски стандарди со уникатен ентериер, врвна медицинска опрема, комплетно регулирана средина, строго управувани режими на греење и ладење и довод на свеж воздух и максимална комфорност на пациентите, посетителите и вработените, е отворен во Скопје.

Лоциран е во близина на просториите во кои сега е сместена Специјалната болница по хируршки болести „Филип Втори“. Инвестицијата чини 40 милиони евра.

Објектот го отворија д-р Жан Митрев, основач, сопственик и менаџер на Специјалната болница по хирушки болести „Филип Втори“ и првиот опериран пациент во таа здравствена установа, кочанчанецот Коста Шапков, на кого на 1 март 2000 година му бил вграден бај пас.

zan

– На овој ден во 16 часот пред 16 години ја направивме првата бај пас операција во Македонија. По се она што е направено и вградено во оваа нова болницата, како во зграда така и во медицинска техника, претставува една од најмодерните болници во Европа. Со тоа Македонија добива нешто посебно, нешто што може во медицината да се рамни со која било најразвиена земја во светот, изјави Митрев.

Пред неколку дена, нагласи, поднесовме барање во Министерството и чекаме на она што значи натамошна постапка и се надевам дека за 10 дена ќе ја добиеме и дозволата за работа. Потенцира дека сите апаратури се инсталирани и во функција, и се тестирани.

– Продолжуваме да функционираме во стариот дел бидејќи практично е невозможно да се престане на едно место, а да се почне на друго веднаш бидејќи во оваа болница претстоеше повеќемесечно тестирање на многу системи кои се вградени. Ништо не е засега преместено од таму, туку комплетно се што е тука инсталирано е комплетно ново. Почнуваме со персоналот кој го имаме кој е 220 на број. Зависно од динамиката и обемот на работа ќе имаме и нови вработувања бидејќи болницата е пет пати поголема од она што го имавме досега, рече Митрев.

Посочи дека изминатите 16 години имаат направено 18.000 кардиоваскуларни операции, 25.000 хирушки операции, третирале околу 350.000 пациенти, околу 40.000 пациенти на годишно ниво досега во стариот дел доаѓале за разни потреби – дијагностика, терапија, хирушки интервенции.

– Овој центар значи сосема нов исчекор во медицинската технологија бидејќи тука ние сме официјално и застапници и претставници на „Филипс“ опрема која ги вгради најновите технологии на т.н. смарт технологија. Тоа сега претставува многу попрецизна, побрза дијагностика на болестите со милион опции, потоа значи еден многу висок степен на безбедност на пациентите како во однос на интрахоспиталните инфекции, така и во однос на целокупната друга работа на персоналот и на пациентите, додаде Митрев.

Првиот опериран пациент во болницата, кочанчанецот Коста Шапков (71) изјави дека се чувствува добро и нема тешкотии.

По отворањето на објектот за гостите следеше кратка прошетка низ објектот, а беше прикажан и краток филм за болницата. 

На отворањето на новиот објект на Специјалната болница по хируршки болести „Филип Втори“ присуствуваа претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов со сопругата Маја Иванова, претседателот на Владата за спроведување на изборите Емил Димитриев, поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија г.г. Стефан, членови на Владата…

Oбјектот е поставен на земјишна површина од 9.000 м2, со ефективна корисна површина од 17.000 м2, распоредена во сутерен, нулти кат, 3 ката и посебен кат за машинство. Системите кои се вградени во објектот се во насока на висока енергетска ефикасност, максимална безбедност и функционалност. Преку нив објектот има најниска емисија на CO2, создаден да ги задоволи највисоките стандарди во градењето, работењето и одржувањето.

Дијагностичкиот центар е сместен на приземјето од објектот. Секоја амбулантна е опрема со смарт 3Д ултразвучни апарати со можност за висококвалитетни прикази на внатрешните органи, со што е овозможено детална дијагностика. Рентген дијагностиката е опремена со најнова генерација на апарати – рентген, компјутерска томографија, ангиографија и магнет дијагностика. кои се последна смарт генерација на „Филипс“, со минимално зрачна технологија за пациентите и за персоналот, и со максимално прецизни резултати и со најкраток временски период за нивно добивање. Просториите се со специјална оловна заштита.

Во објектот има пет модуларни операциони сали со површина од по 50 м2. Салите се опремени со последна технологија на Трумф операциони столови, хируршки лед светла, компактен мониторинг систем за прикажување на актуелната состојба на пациентот и сите направени иследувања. Најнова генерација на анестезија машини, софистицирани пациент монитори се дел од врвната применета технологија.

Болницата располага со интензивен оддел и со оддел за полуинтензивно лекување, кој по своите карактеристики е индетичен со интензивната нега. Болничките соби се двокреветни, со пријатен амбиент, но и медицинска безбедност за секој пациент. Болницата располага и со 10 еднокреветни, два делукс апартмани, со 12 амбуланти, 128 болнички кревети од кои 63 кревети на интензивна нега, сала за физикална рехабилитација, оддел за психолошка поддршка, просторија за научни собири или т.н. амфитеатар е со капацитет за 100 слушатели, кујна со софистицирана опрема за подготовка на храната, ресторан..

loading...