25 години „Авалон“ раскажува добра музика  

Денеска во МНТ „Авалон продукција“ ја соопшти музичката програма и ги најави претстојните концерти во пресрет на нивниот јубилеј – 25 години од нејзиното постоење.

„Во рамките на јубилејот подготвивме исклучителна програма, со концерти на бројни артисти од светската и домашната музичка сцена. Концертната сезона ја стартувавме кон крајот на февруари со концертниот маратон на Каролина во МОБ, во март со концертот на ТОТО, во април со концертот на Јосипа Лисац, а она што следи во периодов се е концертните настани на Ѓорѓе Балашевиќ на 19 мај и Владо Јаневски на 1 јуни во Скопје“, рекоа од Авалон на денешниот прес во МНТ. Со видеоснимка тие ги најавија и другите проекти, како „Скопје колинг“ и „Охрид колинг“ фестивалите со многу познати изведувачи, настапите на Брајан Фери, „Ту челос“ и уште многу други кои ќе ги најават во следниот период.

Бобан Милошевски, првиот човек на Авалон,рече дека 4-5 години не давал изјави за новинарите и дека сега е расположен за муабет. Во свој стил спонтано раскажуваше за почетоците на „Авалон“, првиот концерт, по некоја анегдота низ годините.

На пресот беа и Каролина Гочева, која веќе 20 години е дел од „Авалон продукција“, но и Пере од „Нокаут“ и Владо Јаневски, со кого е обновена соработката.

„Авалон продукција“ е промоторска куќа чии основни дејности се музичко издаваштво и организација на концерти, музички фестивали и други слични настани. Основана е во Скопје 1993 година. Во дваесет и пет децении постоење Авалон продукција има издадено 35 музички изданија на регионални изведувачи, но и странски лиценцирани изданија. Меѓу изведувачите кои своите албуми ги објавиле за Авалон, се „Леб и сол“ Тоше Проески, Каролина Гочева, Влатко Стефановски, „Мизар“ и многу други. Сепак, доминантна дејност на Авалон од 2000 година до денес е организација на концерти и букинг на странски изведувачи за територијата на Југоисточна Европа.

Scroll to Top