Ахмети и Албанците како хендикепи

Во изминативе 26 години се изнаслушав глупости од несреќите што историската река ги исфрли во мочуришните плитоци на Македонија како политичка елита и бев сигурен дека ништо на тој план не може да ме возбуди, но испадна дека сум се заебал: едно парче од интервјуто на Али Ахмети за Телевизија 21 го растури мојот антиглупандерски имун систем и тој падна побргу отколку што институционалниот ред на Република Македонија падна пред налетот на вирусот вмро/дуи.

trickovski
Да се потсетиме: Али Ахмети рече (во слободна, но верна интерпретација) дека тоа што над шеесет илјади Албанци гласаа за листата на СДСМ е хендикеп за партијата од “Бихаќка” во поглед на евентуалните преговори за состав на нова влада со партијата на Ахмети, и дека тоа што сто отсто од гласовите на ВМРО биле гласови на етничките Македонци (што не е точно), ја фаворизира партијата на Груевски во таа смисла.
Јас знам дека гласовите на Албанците што отидоа кај СДСМ порано одеа, главно, на контото на ДУИ и дека тој трансфер е директна последица на незадоволството на луѓето од политиките на Али Ахмети, знам и тоа дека со ваквата реторика тој сигурно мисли да ги врати така што ќе им каже дека секој глас што не е за ДУИ е загубен глас, односно го знам фундаменталниот став на Ахмети дека се уште не се созреани условите за граѓанска структурираност на политичките субјекти, тоа се, како да речам, легитимни чувства и ставови со кои јас можам само да не се согласувам, но од тие премиси да извлечеш заклучок дека Албанците што гласале за СДСМ се хендикеп, некоја врста на болест во политичкиот процес во кој тој се прашува за нешто и да фаворизираш како проалбанско нешто што е такво само затоа што нема ниту еден Албанец во себе, да ја оставиме настрана антиалбанската срж на партијата на Груевски, значи две или три работи: прво дека тој што зборува така е строгоограничен, нископлафониран тип, второ, дека е безнадежно офуцан во сопствената политичка структура, трето дека таа офуцаност, примитивност и бесперспективност, тоа драматично шлајфување во место, не се резултат на ниските интелектуални и политички плафони, туку на очигледната мрежа на коруптивни и криминални моменти кои го фиксираат неговиот, Џељо Хоџич тоа убаво го забележа, морински статус, статус без политички капацитет односно со политички капацитет кој му го изел тој што го фатил во мрежата!
Добрата работа на глупоста е тоа што е доволно глупава да се разголува одвреме-навреме. Историјата им даде шанса и на него и на Груевски да влезат во историјата на своите народи, тие решија да влезат во историјата на грабежот. Океј, тоа е легитимен избор, но тоа не значи дека ние немаме право да и кажеме на историјата дека направила капитална грешка, дека треба да си ги земе бандитите назад и мисионерските улоги од утре да почне да ги истакнува на конкурс!

Бранко Тричковски

Фејсбук статус

loading...