Драган Бјелогрлиќ спаси 11-годишно момче од смрт

Во српските медиуми беше објавена веста за херојскиот подвиг на актерот Драган Бјелогрлиќ, кој во петокот го спасил 11-годишно момче Лав Томиќ од сигурна смрт.

Лав и неговиот брат близнак Вања во петокот околу 13 часот тргнале од дома во училиште. Вања тргнал напред, а Лав останал да ја заклучи влезната врата.

„Ме викаше, раката му беше крвава“, им раскажал Вања на новинарите.

Врз раката на Лав паднале парчиња стакло. Неговиот брат побарал помош во најблиското кафуле, каде што ја нашле својата поранешна учителка Јелена Николиќ.

„Слушнав детски вресок, се свртев и ги видов моите поранешни ученици. Вања беше целиот во крв, а од раката на Лав прскаше крв. Го држеше некоја жена. Го внесовме Лав во кафулето, а на жената која се претстави како докторка ѝ го дадов мојот шал за да му ја стегне раката. Ми рече да не му дозволувам да заспие. Ужасно многу крв прскаше на сите страни“, рекла учителката.

Брзата помош не можела да се пробие до кафулето, па учителката излегла надвор надевајќи се дека ќе најде помош.

„Вања плачеше. Ми рече дека брат му ќе умре. Се свртев и на влезот од кафулето видов дека стојат актерите Драган Бјелогрлиќ и Гордан Кичиќ. Во истиот момент излезе докторката со Лав и рече дека нема повеќе време“, додала учителката.

Бјелогрлиќ го ставил детето во својот автомобил и заедно со лекарката заминале во болница, а Кичиќ останал со Вања и се обидувал да го утеши. На патот кон болницата ја зеле и неговата мајка.

„Си го видов детето, а неговата крвава рака непозната жена ја држеше во воздух стегајќи ја со сета сила. Лав полека паѓаше во делириум. Бјелогрлиќ нè возеше во болница, нас непознати луѓе, а воопшто не бевме негов проблем. Кога стигнавме таму излета од автомобилот, влета на шалтер и рече: ‘Морате ова дете веднаш да го погледнете’. Со погледот порача: ‘Јас не знам повеќе како да помогнам, кажете ми како уште можам да помогнам’. Не можам да ви објаснам“, рекла мајката Весна за „Блиц“.

Во болницата Лав бил веднаш однесен на операција. Артеријата на раката му била исечена од лакотот до дланката, сè до коската. Раката му била посинета и според лекарите, ако поминале уште неколку минути, момчето ќе починело поради премногу изгубена крв.

Мајката на Лав и Вања е благодарна на сите што помогнале да се спаси нејзиниот син.

„Им благодарам на сите што се затекнаа и помогнаа на моето синче, најмногу на Драган Бјелогрлиќ, кој нашиот Лав веднаш го однесе во ‘Тиршова’, инаку ќе искрвареше и ќе го изгубевме! Нивната хуманост го спаси моето дете. Тие луѓе кои се најдоа токму во тој момент на тоа место… Учителката на Лав, непознатата лекарка и Драган Бјелогрлиќ, кој го возеше моето дете до болница. Да чекаа да дојде Брза помош, ќе го изгубевме“, додала Весна.

 

Scroll to Top