Ненад Пагонис ѝ се налути на Каролина

Поп-пејачката Каролина Гочева беше специјален член на жирито во вчерашното издание на музичкото шоу „Твоето лице звучи познато“. Таа беше полна со пофалби за сите настапи на десетте учесници, но кога ги подели своите поени, наиде на критика од кикбоксерот Ненад Пагонис. Ненад незадоволен од малиот број поени што му ги дала Каролина за имитацијата на „Еј-Си/Ди-Си“ ѝ коментирал налутено на Едита, а таа овој пат реши да не премолчи.

„Морам да ја искористам оваа пригода затоа што ова е емисија во живо. Кој од членовите на жирито му додели мал број бодови на Ненад? Ѓура или Каролина? Е, па, поради тоа што Ненад ми шепна грд коментар за тие мали бодови, јас ќе му ги дадам моите пет нему за да покажеме дека го цениме тоа што го направи бидејќи е спортист“, рече иронично Едита и додаде дека тие не се големо семејство како што истакна водителката Нина Сеничар. Едита јавно кажа дека договорот бил сите да му дадат поени на Бане Видаковиќ за и тој да победи сезонава.

Ова не е првпат Пагонис да реагира бурно. На почетокот на шоуто беше еден од милениците на публиката. Тоа се смени по имитацијата на Кончита Вурст кога го соблече фустанот и истакна дека сака да им всади само позитивни вредности на идните генерации. Многумина тогаш му забележија бидејќи не го одби настапот како Јелена Карлеуша во садо-мазо костум.

Пагонис сепак не успеа да се пласира во финалето.

Scroll to Top