Оливер Драгоевиќ: Веќе ја поминав првата хемотерапија

На славниот хрватски пејач и кантавтор Оливер Драгоевиќ пред повеќе од две недели му беше дијагностициран потежок облик на болест на белите дробови. Откако сите медиуми објавија дека тој се бори со тешката болест, тој за „Вечерњи лист“ изјави: „На сите им благодарам за грижењето за мене, но она што сега ми треба е мир“.

Оливер се повлекол во Веле Лука, неговото родно место на островот Корчула.

„Не можам на сите да им ја читам лекарската дијагноза. Некои работи се премногу лични. Дијагнозата е таква каква што е, јас се лекувам, веќе бев на хемотерапија, сега следува продолжение и сѐ ќе биде во ред“, рекол Оливер за хрватскиот магазин „Стори“.

За болеста дознал пред повеќе од две недели кога му се слошило на погребот на пријателот, музичарот Реми Казиноти, а до тој момент, наводно, добро се чувствувал.

„Кога ќе сфатите дека времето лета, ве фаќа паника. Не е тоа најава на крајот, туку размислувања низ кои поминуваат сите постари“, рекол Оливер Драгоевиќ.

„Слободна Далмација“, пак, пишува дека подготовките за неговиот роденденски концерт во Сплит се одвиваат нормално. На средината на декември Оливер ќе наполни 70 години, а роденденот ќе го одбележи со голем концерт во „Спаладиум арената“.

Scroll to Top