Само болката на семејството на Тоше е поголема од мојата

Поранешната менаџерка на Тоше Проески, Љиљана Петровиќ, во интервју за босанскиот магазин „Азра“, првпат зборува за животот по смртта на Тоше. Таа демантира дека има фејсбук-профил и не знае кој се претставува во нејзино име пред нејзините поранешни соработници и кој комуницира со медиумите наместо неа.

„Пред десетина години реков дека никогаш нема да се занимавам со менаџерска работа. Го кажав тоа што го чувствував и тоа не е сменето до денес. Тоше и јас заедно ги завршивме своите кариери. За жал, прерано. Не ја сфаќам потребата на поединци да ме претставуваат таква каква што не сум, бесрамно да го користат моето име, да шират лаги и невистини. Изморена сум од читање лажни интервјуа, од лажни профили на социјалните мрежи со моето име. Сакам да им кажам на сите луѓе, на сите фанови на Тоше, дека немам профил на ‘Фејсбук’. Оној што постои со мое име е лажен“, рекла Љиљана.

Таа додала дека не размислува да менаџира некој пејач.

„Тоа би било како да сум го издала Тоше. Јас бев негова менаџерка, Љиља на Тоше, така ме запознавте, така ќе биде засекогаш. Никому не сум одбила совет, но никогаш не би менаџирала некој друг“, рекла Љиљана.

Љиљана открила и каков е нејзиниот живот по смртта на Тоше.

„Се обидувам да научам достоинствено да се носам со тагата, да бидам подобар човек отколку што сум. Многу работам и се трудам моите дела да зборуваат за мене“, додала таа. „Работејќи со Тоше сите тие години научив да се носам со лоши луѓе, со невистини кои ни тогаш не нè штедеа, па не ме изненадува ни што се случуваше по неговото заминување. Разбирам дека тоа е огромна загуба, голема болка, ама не разбирам притоа да не ја почитуваат и туѓата болка. Се чувствував како давеник во море кој сите го туркаат надолу само за тие да дојдат до здив, за ним да им биде полесно. Тагата и болката што јас ги доживеав можат да се споредат само со тагата на неговото семејство, бидејќи само нивната болка е поголема од мојата“.

Љиљана открила и дека не сака да ја гледаат во Крушево и тоа да поттикне нови шпекулации.

„Тоше го носам во срцето. Тие сеќавања и чувства се само мои и немам потреба да ги делам, како што немам потреба ни да бидам видена во Крушево, ни каде било на друго место што би дало повод за пишување шпекулации“.

Scroll to Top