Дедо Мраз од „Проект среќа“ израдува илјада деца низ Македонија  

Околу 450 дечиња што живеат во сиромаштија добија подароци од пријателите на здружението „Проект среќа“ во рамките на акцијата „И јас сум Дедо Мраз“. Новогодишната кампања почна на 1 декември со цел да обезбеди новогодишни подароци за децата чии семејства не можат да си дозволат да им ги купат. Како изненадување, подароците во нивните домови или во институциите каде што претстојуваат, им ги донесе лично Дедо Мраз.

Дедо Мраз од „Проект среќа“ е сè уште на пат низ Македонија и планирано е да се израдуваат околу 1.000 деца. Повеќе македонски јавни личности и компании донираа подароци за нив.

„Овој хуманитарен проект направи рекорди во колективното донирање и хуманост. Особено со оглед на тоа што се работи за нови купени работи специјално за оваа намена од страна на оние што донираа. Рекордер во акцијава е Комерцијална банка со 400 донирани подароци. Покровител на акцијата е компанијата Comfy Angel од Прилеп. Секое дете беше лично посетено. Застанувавме по пат во секоја куќа што ни изгледаше како место во кое на децата им треба новогодишна среќа, особено низ селата. Наидовме на огромен одѕив од јавните личности и од компаниите. Во акцијата не се вклучија политичари и кондиторски фабрики“, изјави Кристина Арнаудова, претседател на здружението „Проект среќа“.

Карванот на здружението помина повеќе домашни села и општини, како и институции: градинката „Мали пријатели“ во Шуто Оризари, дневниот центар „Шуто Оризари“, се донира и за децата бездомници згрижени во центарот „Ранка Милановиќ“, во училиштето „Братство и единство“ во селото Долно Коњари.„Проект среќа“ ќе ѝ помогне и на Благородна Димитриевска од Куманово, самохрана мајка на три деца, која живее без социјална помош.

Scroll to Top