Нема санкции за МРТ, Македонија ќе учествува на Евровизија

Македонска радиотелевизија потврди дека и следната година Македонија ќе учествува на изборот за песна на Евровизија. МРТ и Европската радиодифузна унија го решиле проблемот со неплатените долгови на нашиот национален сервис кон ЕБУ, со што се создаде можност за наше учество на Евровизија во Португалија.

„ЕБУ и МРТ работеа напорно и брзо за заедничко решавање на овој проблем за да се осигуриме дека Македонија ќе биде дел од Евровизија и следната година. Задоволство ми е да најавам дека ова е сега возможно. Тоа значи дека следната година ќе имаме рекорден број учесници и сигурен сум дека сите што ќе бидат во Лисабон да го проследат шоуто ќе уживаат во вистинско евровизиско искуство“, напиша во изјава за „Репортер“ Јон Ола Санд, извршниот супервизор на ЕБУ за Евровизија.

Од ЕБУ рекоа дека се тргнати санкциите кон МРТ, и дека со Македонија, бројот на земји што ќе пеат во Лисабон се искачи на 43, исто како во Белград 2008 и во Дизелдорф 2011 година.

Учеството на Евровизија во Лисабон ќе биде осумнаесетто по ред за Македонија. Полуфиналињата ќе се одржат на 8 и 10 мај, а финалето на 12 мај.

(А.Ј)

Scroll to Top