Подароците од елката на А1он наменети за самохран татко со две деца

Од денеска па сè до 4 јануари граѓаните ќе имаат можност да им помогнат на социјално загрозените семејства преку новогодишна хуманитарна акција организирана од „Сити мол“ во соработка со 12 медиуми. Секој медиум избира социјално загрозено семејство на кое ќе ги донира подароците кои ќе бидат поставени под елката. Секоја елка означува еден медиум.

Меѓу 12-те новогодишно декорирани природни елки сместени  на вториот кат од трговскиот центар е и елката на порталот А1он, чија редакцијата реши своите подароци да ги донира на семејството Христовски од Кисела Вода. Станува збор за 4-члено семејство во кое двете малолетни деца живеат со самохран татко кој поради повреда на работно место не е во можност повеќе да работи. Христовски се обидуваат да врзат крај со крај со пензијата од нивната баба, односно мајката на самохраниот татко. Бабата, пак, има сериозни здравствени проблеми, што ја прави ситуацијата потешка.

Во пресрет на Бадник и Божик, медиумите ќе ги посетат домовите на овие 12 семејства и ќе им ги врачат подароците.

Во кампањата се вклучени медиуми од националните телевизии, веб-портали и радиостаници, односно телевизите Телма и ТВ21, порталите А1он, Сакам да кажам, МКД, Женски магазин, Фактор, Риборн, Мак Мода, Оффнет, Емагазин, како и Сити радио.

Денеска првите подароци под елките ги донираа самите медиуми со што упатија апел до граѓаните да ја разбудат во себе емпатијата во празниците кои претстојат и да внесат радост и среќа кај децата од 12-те избрани семејства.

„Ги повикувам сите хумани граѓани во овие 22 дена да дојдат во „Сити мол“ да донираат и да им помогнеме на овие 12 фамилии да имаат убави празници и посреќни и повесели да ја дочекаат новата 2018 година, вели Дарко Панчевски, еден од организаторите на хуманитарната акција.

Scroll to Top