Скопје дел од глобалниот спот за „Часот на планетата Земја“

„Часот на планетата Земја“, најголемата светска еколошка акција, оваа година ќе се одржи на 24 март. Во 20:30 часот во 8.000 града во преку 180 држави ширум светот, меѓу кои и Македонија, ќе се изгаснат светилките. Денеска тимот на ова движење официјално го промовираше видеото од светската кампања, а во него се појавува и инсерт од Скопје!

„Часот на планетата Земја“ има за цел преку симболично исклучување на осветлувањето во период од еден час да испрати силна порака за спас на планетата. Годинешниот слоган е „Поврзи се со планетата“, а е акција на Светскиот фонд за природа WWF.

„Ме радува што WWF и глобалниот тим на ‘Часот на планетата Земја’ уште еднаш го препознаа трудот што го вложуваме за оваа акција во Македонија и го поставија Скопје во спотот што се користи за промоција на овој светски еколошки бренд. Освен што пренесуваме силна порака за спас на планетата, оваа акција претставува и одлична можност за промоција на нашата земја“, вели Ѓорги Селков од канцеларијата на „Часот на планетата Земја“ во Македонија.

Кампањата освен што се фокусира на проблемот поврзан со забрзаното менување на климата, истовремено ќе ги поврзе луѓето со планетата.

„Со оглед на тоа што планетата Земја, нашиот заеднички дом, се соочува со двоен предизвик – климатските промени и опаѓање на биодиверзитетот, нашето најголемо светско еколошко движење има за цел да ги мобилизира поединците, бизнисите и владите, да станат дел од разговорот и решенијата потребни за да се изгради здрава и одржлива иднина за сите,“ додава Селков.

„Часот на планетата Земја“ почна како симболичен настан во Сиднеј во 2007 година. Денеска се одбележува во повеќе од 180 земји и територии како глобален момент на солидарност за планетата. Минатата година 3,5 милијарди луѓе зборувале за „Часот на планетата Земја“ на социјалните мрежи, што докажува дека движењето го менува начинот за популаризација на климата и еколошките акции низ целиот свет.

Scroll to Top