Скопје првпат ќе добие девојки во излог

Утре, 16 декември, Скопје првпат ќе добие девојки во излог. Станува збор за уметничката инсталација која ќе биде поставена од 17 до 22 часот на бул. Климент Охридски бр. 48, излозите до клубот „Вулкан“, соопштија од граѓанската иницијатива за заштита и унапредување на правата на сексуалните работнички „Стар-стар“.

Предвидена е и пауза на инсталацијата од 19 до 20.

Ова е по повод одбележувањето на Меѓународниот ден за борба против насилството врз сексуалните работнички.

„Скопје ред лајт дистрикт“ претставува уметничка инсталација со цел да го отслика шармот на Улицата на црвените фенери со бордели во Амстердам. Улицата на црвените светла претставува симбол на слободниот и толерантен став кон најстарата професија на светот. Скопје првпат ќе добие девојки во излог, велат од  граѓанската иницијатива „Стар-стар“, која во соработка со коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ ќе го организира „Скопје ред лајт дистрикт“.

Следниот ден, пак, недела, 17 декември, ќе се одржи маршот на црвените чадори со почеток во 12 часот на улицата Македонија.

„ Десетти јубилеен пат се приклучуваме кон глобалното одбележување на Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работници. По тој повод сексуалните работници заедно со своите поддржувачи ќе маршираат на улицата Македонија во Скопје за гласно да испратат порака: Стоп на насилството врз сексуалните работници!“, велат од „Стар-стар“ .

Scroll to Top