„Супер радио“ од Охрид слави 25 години

Охридското „Супер радио“ денес го прославува 25. роденден. Ова локално радио во Охридскиот и Струшкиот Регион има сопствена продукција, а најпознатото е талент-шоуто „Охрид суперстар“, големо внимание посветуваат на информативниот дел од програмата и емитуваат вести што се исклучиво од локален карактер, а на радиото е секогаш застапена актуелна музика, соодветна и за постарата и за помладата популација.

„Овој роденден го славиме цела година зашто е важен за нас и сакавме да му дадеме посебно значење. Го пречекуваме со комплетно дигитално студио, со новитети во програмата, нови лица, нови гласови, многу успешни проекти зад нас и многу најави за уште поинтересни проекти пред нас. Потписот на ‘Супер радио’ ќе го има на многу места во иднина“, рече Јане Стефанов, главен и одговорен уредник на радиото.

„Нашиот јубилеј е важен како потврда дека трудот на оние стотина луѓе што поминале во радиото не е залуден, дека ние, кои сега ги пишуваме страниците, сме ги продолжиле и надградиле нивните напори. ‘Супер радио’ никогаш нема да е доволно супер без Јане, Тони, Жанко, Александра, Реџо, Даниела, Даниел, Јуксел, Ванчо, Радмила и сите други што се трудат магијата да не згасне“, рече Сашо Митаноски, сопственик на радиото.

Scroll to Top