Вардар се излеа во Скопје

Реката Вардар се излеа на неколку места во Скопскиот Регион. Излевање има по течението на реката во центарот на Скопје, како и кај мостот кон Јурумлери во општина Аеродром и на местата Вител, Чука и Средоред во општина Зелениково.

Центарот за управување со кризи информира дека во останатите делови од државата на одредени места се поплавени земјоделски површини, а во општина Маврово и Ростуше над селото Жировница делумно почна да се лизга земјиштето и постои опасност тоа да се зголеми.

Во општина Боговиње, на патот за Ново Село има одрон во должина од пет метри и се очекува во текот на денот да почне чистењето.

Според информациите од РЦУК, во општините Битола, Могила и Новаци има заезерено 7 – 10 хектари земјоделски површини кои се појавени како резултат на нефункционалноста на терцијалната мрежа за одводнување бидејќи нема класично излевање на водотеци.

Во општина Крушево, по текот на реката Црна од селото Света кон селото Бучин има излевање и поплавување на ливади во должина од околу три километри и ширина од околу 50 метри низводно.

Излевања има и во општина Демир Хисар каде што се поплавени земјоделски површини на потегот од селото Доленци до селото Света.

Во Тетовски Регион нема нови излевања и водата од веќе излеаните површини се повлекува. Нивото на водата од реката Вардар во селото Форино е малку намалено и жителите бараат од ЕЛЕМ Гостивар и денеска да биде намалено производството со електрична енергија бидејќи има некои земјоделски површини што се поплавени од вода.

Во општините Охрид, Дебарца и Кичево состојбата се нормализира, а во општините Македонски Брод и Пласница поради сè уште високиот водостој на повеќе места има излевање на реката Треска и поплавени се земјоделски површини, ливади и овошни насади.

Scroll to Top