Ќерката на Катерина Оксемберг во секта каде што жените се робинки  

Катарина Оксемберг (56), ѕвездата на серијата „Династија“, која е ќерка на принцезата Јелисавета Караѓорѓевиќ , за магазинот „Пипл“ раскажала дека нејзината 26-годишна ќерка Индија потпаднала под влијание на сектата НХИВМ.

Сѐ започнало во 2011 година кога мајката и ќерката присуствувале на состанокот на групата за самопомош НХИВМ. Ќерката Индија решила да се пријави на часови во НХИВМ, но на актерката во очи ѝ паднало дека групата е чудна. Сепак, на Индија ѝ се допаднала програмата на водачот на групата, Кит Раниер (57). Во април кога Катарина разговарала со Бони Пиеси, жената што го напуштила курсот, дознала дека групата е, всушност, секта што ги принудува своите членови да бидат на ригорозна диета и на нивните тела на специјални церемонии им ги врежуваат иницијалите на водачот на групата. Индија и другите жени се, всушност, робинки на оваа организација на водачот Раниер.

Членките на групата се на строга диета – не смеат да внесуваат повеќе од 800 калории дневно, поминуваат низ многубројни физички и психички искушенија за да ја надминат слабоста, која, според мислењето на Раниер, ги мачи жените.

Се проценува дека овој култ има повеќе од 10.000 члена.

Бони Пиеси инсистирала Катарина да направи сѐ што може за да ја спаси ќерката. Катарина ја повикала Индија да дојде кај неа за роденденот. Тоа, всушност, било маска за интервенција што ја организирала за да ја спаси од опасниот култ. Ќерката тогаш ѝ рекла дека ѝ паѓа косата и дека нема менструација веќе една година, што се знаци за неисхранетост.

Кога се појавила на прославата на роденденот, раскажала Катарина, била изненадена кога видела колку ќерка ѝ е ослабена, ја преколнувала да го напушти култот, но Индија и понатаму тврдела дека ѝ годи дружењето со членовите и веќе наредниот ден отпатувала во Олбани во Њујорк каде што се наоѓа седиштето на оваа група. Подоцна, Катарина открила дека Индија му се приклучила на тајното сестринство во оваа организација. Оттогаш престанала да комуницира со мајка си.

 

Scroll to Top