Личната трагедија ја направи Петра Немцова најголем хуманитарец меѓу моделите

Животот на чешката манекенка Петра Немцова се сменил од корен на 26 декември 2004 година кога го преживеала цунамито што ја погоди Индонезија. Манекенката и нејзиниот свршеник, фотографот Сајмон Ејтиј, биле на Тајланд кога се случил земјотресот што предизвикал цунами. Високиот бран ги исфрлил двајцата од хотелската соба. Таа успеала да исплива на површината, во еден момент видела дрво и се фатила за него. На врвот на дрвото останала цела ноќ со скршена карлица и многубројни внатрешни повреди. Следниот ден била спасена со хеликоптер. Нејзиниот свршеник не го преживеал цунамито, а неговото тело било пронајдено неколку месеци подоцна.

„Тоа што ми се случи целосно ми го смени животот. Коските ми беа искршени, не бев сигурна дека некогаш ќе заздрават. Но, во главата имав слика како им помагам на луѓе што го преживеале истото што и јас и тоа ме водеше“, рекла Петра во едно неодамнешно интервју. Таа останала два месеца во болница на Тајланд, а потоа поминала уште еден месец во болница во Чешка.

„Бев на врвот на кариерата. Во 90 отсто од времето работев, а преостанатите 10 отсто ги користев за хуманитарна работа. Денес 90 отсто од времето помагам кај што треба, а само малку време поминувам во модната индустрија“, изјавила Немцова во интервјуто.

По трагедијата, таа ја основала фондацијата Happy Hearts, која им помага на луѓето што преживуваат природни катастрофи, но и градат училишта и помагаат да се обезбеди сместување за нив.

Scroll to Top