Вечер се доделуваат Ем-ти-ви наградите

Музичкиот канал Ем-ти-ви вечерва по 34. пат ќе ги додели наградите за најдобри видеа објавени во периодот од 25 јуни 2016 до 23 јули 2017. Доделувањето на награди ќе се одржи во арената „Форум“ во Инглвуд, Калифорнија. Домаќинка на настанот ќе биде познатата пејачка Кејти Пери, која воедно е номинирана во 5 категории, а според бројот на номинации предводи нејзиниот колега Кендрик Ламар, кој е во трка за 8 статуетки.

Тие ќе имаат и свои настапи на сцената во „Форумот“, каде ќе запеат и Мајли Сајрус, Ед Ширан, „Фифт хармони“ со Гучи Мејн, Лорд, Викенд, „30 секндс ту Марс“, Шон Мендес, Лоџик со Калид и Алесија Кара, Џулија Мајклс, Пост Малоун, Деми Ловато, Ноа Сајрус, Кајл, „Ди-ен-си-и“ со Род Стјуард, како и годинешната добитничка на наградата „Мајкл Џексон видео вангард“ – Пинк, на која, веројатно, статуетката ќе ѝ ја врачи неговата ќерка и надежна актерка Парис Џексон.

Меѓу презентерите на наградите ќе бидат манекенката Александра Амброзио, продуцентот Џек Антоноф, ѕвездата на „Чудесна жена“ – Гал Гадот, музичарите Кеша, Зара Ларсон, Биби Рекса, Лудакрис и други.

Scroll to Top