(Фото) Четници обесиле двајца партизани на денот на српската гордост

Патиштата на Стеван Борота и Јозеф Маер им се вкрстиле кај Валево во Србија на средината на септември 1941 година во екот на постоењето на Ужичката Република.

Иако двајцата биле одвоено заробени, сепак заедно биле обесени. Денеска почиваат на Партизанските спомен-гробишта на Крушика во Валево.

Стеван Борота се родил на 14 ноември 1898 година во Винковци. Потекнува од сиромашно семејство. Завршил земјоделско училиште во Славонска Пожега, но поради тоа што не можел да се снајде во струката, бил преквалификуван во механичар и моторист.

На крајот на дваесеттите години од минатиот век заминал на печалбарство во САД и Канада, но се вратил во својата татковина и по краткиот престој во Загреб, пристигнал во Земун и Белград.

Веројатно, на крајот на триесеттите години, непосредно пред избивање на Втората светска војна, станал член на Комунистичката партија на Југославија, а кога војната стигнала на прагот на Балканот, тој им се приклучил на партизаните во Посавскиот одред, во кој веднаш се истакнал како храбар човек.

Се борел против окупаторот и против квислиншката жандармерија во Шумадија. Поради големиот прилив на нови борци, четата станува баталјон, а Борот командир. Истовремено, Јозеф Маер станува негов политички комесар.

По битката кај Гола Глава во Забрдици против Германците, во билтенот издаден од Врховниот штаб на 10 октомври 1941 година пишува:

„Го изразуваме нашето признание и благодарност до вториот вод и четата на Третиот баталјон на Посавскиот народноослободителен партизански одред, кои во крвавата борба му зададоа на непријателот големи губитоци и како целина покажале примерна храброст и воена дисциплина. Понатаму, го изразуваме нашето признание и благодарност до командирите на четата, кои во најжестоките борби со своето јунаштво им дале пример на останатите борци“.

Во втората половина на октомври доаѓа до првите негови судири со четниците што го нападнале во селото Каменица кај Валево, а потоа и кај Љубовија, кога неговата чета ја ослободила партизанската болница што четниците ја имале заробено. Главно во тој период непрекинато бил во движење и константно бил во борба.

На почетокот на декември, за време на распаѓањето на Ужичката Република, баталјонот во кој била неговата чета претрпел големи загуби во борбите со четниците. Тој сам морал да закрепнува во партизанската болница во селото Вујиновиќ кај Валево и дури на крајот на јануари 1942 година се вратил на позиција командир на Втората чета на Посавско-тамнавскиот одред, кој бил формиран по втората реорганизација (првата се случила на средината на декември).

Германците и четниците се обидувале да го уништат овој одред, но не успеале од прва. Била донесена одлука да се почне со префрлање кон реонот Космај. Во текот на тоа движење Борота бил ранет во конфликтот со четничкиот одред кај селото Гвозденовиќ на 24 февруари. Соборците го скриле во селото Веселиновац за да оздрави, но таму со уште неколку ранети војници четниците го заробуваат и го спроведуваат, прво во манастирот во Боговац, а потоа во Лајковац, па во Валево, каде што им го предаваат на Германците.

Мислејќи дека е некоја значајна личност во партизанското движење, бидејќи прво се претставувал како Стеван Јаковлевиќ, пред да му биде откриен неговиот вистински идентитет, бил префрлен во Белград каде што бил испитуван од страна на специјални полицајци, но и брзо вратен во Валево. Германците тогаш донеле одлука за годишнината на воениот пуч да организираат низа бесења во Валево, Уб и Обреновец за народот да го убедат да не се бунтува. Таа валкана работа им ја препуштале на квислинзите. За бесењето во Валево биле одредени Стеван Борота и Јосиф Маер.

Јозеф Маер се родил на 20 мај 1920 година во Ниш во еврејско семејство од татко му Бора и мајка му Софија. Брзо се преселиле во Белград, каде што Јозеф завршил основно училиште и две години гимназија. Се вработил во претпријатието „Елка“, каде што бил работник и каде што среде излагањата со опојните комунистички идеи го напуштил својот дотогашен ционизам и станал првиот член на СКОЈ, а потоа и на КПЈ. Во август 1941 година избегал од Белград и стапил во Посавскиот партизански одред, чиј командант бил Коча Поповиќ.

Од тој момент, па сѐ до падот во заробеништво, Јозеф Маер во чекор го следел Стеван Борот. Велиме сѐ до падот во заробеништво затоа што Маер бил со мала група борци, кои во текот на конфликтот со Тамнавскиот четнички одред, оној од 24 февруари, успеал да се пробие до селото Трлиќ. Сепак е фатен во селото Новаци, па спроведен во Уб, а потоа и во Валево.

Борота и Маер во Валево на 27 март 1942 година биле спроведени од страна на припадниците на Српската државна партија и таканаречените легализирани четници, што јасно може да се видат на приложените фотографии. Повеќе од јасно се забележуваат кои се припадници на СДС, а кои четници. По јавното бесење, нивните тела два дена биле оставени да висат. Потоа биле погребани на Градските гробишта.

Во 1980 година посмртните остатоци биле пренесени на Партизанските спомен-гробишта на Крушика (свечено биле отворени 13 години претходно од страна на Тито на местото на кое Германците на 27 ноември 1941 година стрелале 121 партизан заробени од четниците) каде што биле погребани во истата гробница. И двајцата по предлог на Јосип Броз во 1945 година биле одликувани со Орден за заслуги за народот од Втор ред. Две улици ги носат нивните имиња во Валево и во Уб.

Scroll to Top