Криста била девојката што му го чувала партиското благо на Тито

Јосип Броз Тито своето партиско богатство го криел кај Криста Ѓорѓевиќ од Загреб. Таа била лице од највисока доверба на тогашното раководство на Комунистичката парија.

Била родена во 1882 година во Загреб во угледното и богато семејство Шумановиќ.Нејзиниот татко Саша Шумановиќ бил доктор по право и висок функционер на тогашните хрватски власти. По завршувањето на Првата светска војна, таа се омажила за докторот Ѓурица Ѓорѓевиќ, а по создавањето на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, се преселила во Белград, каде што со својот сопруг во 1920 година го основале Медицинскиот факултет.
Поради своето образование и фактот дека говорела неколку светски јазици, таа станала дворска дама на кралицата Марија Караѓорѓевиќ.

Во текот на дваесеттите и триесеттите години им помагала на сиромашните студенти, а особено тоа го интензивирала по смртта на сопругот во 1936 година.Поради своите добротворни работи, остварила и добри односи со младите комунисти и функционери.Се зборува дека во нејзиниот стан во Белград престојувал дури и Јосип Броз Тито, но таа во тој момент не знаела кој е тој сѐ додека во 1941 година не го видела на еден плакат.

Би можело да се каже дека со душа и тело била на страната на комунистите затоа што била изложена на огромен ризик како, на пример, моментот кога носела пари и партиски памфлети во Париз во 1940 година.

На крајот на 1941 година Тито, поради огромната доверба, лично ѝ ги предал златниците со цел да му ги чува. Златниците, наводно, ги добил од Коминтерната за финансирање на потребите на партијата.

Куќата ѝ е уништена во нацистичкото бомбардирање на Белград заедно со комунистичката радиоопрема, но и споменатите златници. По војната, таа го платила ископувањето во својата куќа, каде што се пронајдени дел од златниците, кои подоцна биле стопени.

По рушењето на куќата, се преселила кај пријатели од Комунистичката партија, од каде што ги пренесувала вестите за затворите во кои биле сместени партизаните.

Ваквите активности ја довеле до заробеништво, но благодарение на интервенцијата на југословенската влада во егзил, била спасена од сигурна смрт. На средината на 1944 година, пред самиот крај на војната, била префрлена на територија што била ослободена, од каде што со авион била префрлена во Бари на закрепнување.

Дури неколку месеци подоцна се вратила во Белград, сега веќе ослободениот Белград, каде што била избрана за прва претседателка на Антифашистичкиот фронт на жените на Србија.

Веднаш по крајот на војната била поставена за југословенска претставничка на новооснованата Организација на обединетите народи.

Починала во 1981 година и е погребана покрај сопругот Ѓурица на белградските „Нови гробишта“.

Scroll to Top