Народни обичаи за Св. Трифун

Денеска, 14 февруари, се празнува Свети маченик Трифун, заштитник на градинарите и на лозарите. Трифун е момчето што на 17-годишна возраст со Божја помош ја излекувал царската ќерка Гордана, која не можел да ја излекува ниту еден лекар во империјата. Момчето умрело на 21 година. Многу подоцна како свој покровител го зеле градинарите, лозарите и меанџиите.

Се верува дека Св. Трифун ги штити лозјата и градините од разни штети и несреќи (болести, инсекти, градоносни облаци и слично). Луѓето во негова чест изведувале многу интересни обичаи.

Во повеќе краишта на Македонија на овој ден рано наутро се одело во црква каде што попот пеел молитва и светел вода. Од оваа вода, за која се смета дека со осветувањето е ослободена од сите негативни демони и има лековита моќ, луѓето земале во шишиња и ги прскале лозјата. Притоа, изведувале обредното закројување.

Во Скопско, според белешките на М. Кратовалиев од деветнаесеттиот век, на тој ден по црквите крштевале вода. Од таа вода секој селанец си носел по лозјата заедно со пепел. Во лозјето ќе турел малку од пепелот и ќе полеел од крстената вода. Водата ја полевал во лозниците за да има бериќет, а пепелот за да потхранува, т.е. да бидат поголеми зрната на гроздовите. Потоа се закројувале по неколку лозинки, а на крајот седнувале, се гоштевале и правеле големи веселби.

Scroll to Top