Откриен предбрачен договор стар повеќе од 4000 години

Турски археолози од провинцијата Кајсери открија глинена плоча на која е напишан предбрачен договор на клинесто писмо на староасирски јазик.

Со овој договор се обиделе да ги решат проблемите на неплодност. Во него се наведува дека доколку двојката не може да добие дете во текот на двете години брак, сопругата ќе му допушти на својот сопруг да пронајде жена роб која ќе биде сурогат мајка.

По раѓањето на првото момче, тие морале да ја ослободат. Ова го кажуваат резултатите од списанието „Гинекологикал ендокрајнолоџи“.

Главниот истражувач, професор Ахмети Беркиз Турп, од Универзитетот Харан во Турција изјави дека жената роб морала да биде ослободена по раѓањето на првото машко дете и дека на тој начин се грижеле семејството да не остане без потомство.

И во денешно време многу двојки се обидуваат да добијат дете со помош на медицински помагала за плодност, а во некои држави законот им дозволува да пронајдат жена која ќе им роди дете.

Оваа глинена плоча настанала за време на Асирското Царство во 25 век пред Христос, а изложена е во Археолошкиот музеј во Истанбул како најстар документ во кој се споменува неплодност.

На подрачјето на Култепеа во 1925 година археолозите открија 100 плочи кои биле напишани на клинесто писмо. Плочите се чувале во дрвени сандаци, корпи или вреќи и тие се доказ дека таа цивилизација имала уреден општествен систем.

Населбата веројатно исчезнала поради пожар. Многу експерти ја нарекуваат Месопотамија место од каде почнала историјата.

 

 

Scroll to Top