Путин е вечна енигма

Малку се знае за претседателот на Русија, Владимир Путин, кој на изборите во неделата беше реизбран на функцијата на која ќе остане и во наредните шест години.

Дури ни  светскиот пребарувач „Гугл“ не може да открие детали  од неговиот живот.

Би-би-си спровел истражување за тоа што се обидуваат да дознаат луѓето за рускиот претседател. Па така веќе по првите напишани зборови на тастатурата „Гугл“  нуди прашања на кои медиумската мрежа Би-би-си дала одговори.

На најчесто поставеното прашање „дали Путин е оженет“ Би-би-си одговарил дека рускиот претседател во 2013 година се развел од сопругата Људмила, со која бил во брак 30 години.

Последните неколку месеци пред разводот ретко биле заедно во јавност.

Се наведува дека постојат шпекулации дека рускиот претседател е во врска со ритмичката гимнастичарка Алина Кабајев, но шпекулациите не се потврдени.

Имало, на пример, прашање дали Путин е леворак, а одговорот е дека не е, и дека за тоа сведочат фотографиите на кои може да се забележи дека се потпишува со десната рака.

Луѓето се интересираат колку е Путин богат, а во одговорот на Би-би-си стои дека неговата плата изнесува 112.000 долари годишно, што е податок на Централната изборна комисија на Руската Федерација објавен непосредно пред изборите одржани деновиве.

Но, според некои наводи, богатството на Путин се крие со години.

Во еден документ на ЦИА од 2007 година стои дека личното богатство на Путин изнесува 40 милијарди долари, наведува Би-би-си, и додава дека еден аналитичар и критичар на Доналд Трамп изјавил во 2012 година дека неговото богатство би можело да изнесува 70 милијарди долари, што го прави најбогатиот човек на светот.

Се појавуваат и прашања за тоа дали Путин е жив, а во одговорот стои дека вчерашните избори тоа најдобро го потврдуваат. Инаку, оваа тема била актуелна во 2015 година, кога рускиот претседател го немало во јавност 10 дена.

Би-би-си потсетува дека кога Путин се појавил во јавност изјавил дека животот би бил досаден без трачеви.

На прашањето зошто Путин се смее, одговорот е дека насмевката го прави посебен.

„Кога сте среќни, телото произведува ендорфин, а неуронски сигнали се испраќаат до мускулите на лицето кои формираат насмевка“, навел Би-Би-Си.

А на прашањето зошто рускиот претседател сакал да ја нападне Украина, британската мрежа истакнува официјално, дека руските сили не влегувале во делови на источна Украина во 2014 година, по превземањето на Крим. Руските маневри почнале откако тогашниот украински претседател Виктор Јануковиќ бил тргнат од власта.

Едно од прашањата е и зошто ја поддржува Сирија, а одговорот е дека станува збор за стратегиски многу важно подрачје за Русија, на кое се наоѓаат две воени бази.

Тој додава дека владата на Башар ал Асад е клучен сојузник на Русија веќе некое време, а кога во 2011 година ја избила војната во Сирија, Русија го поддржала Асад, но не се вклучувала во конфликтот се до септември 2015 година.

На сугерираното прашање дали Путин има син, Би-Би-Си вели дека нема, но се знае дека има две ќерки, Екатерина и Марија.

„Малку се знае за нив, затоа што Путин за нив никогаш не говорел, но истрагата која Ројтерс ја спровел во 2015 година, утврдила дека Екатерина и нејзиниот сопруг се исклучително богати“, стои во одговорот.

На прашањето дали рускиот претседател говори англиски јазик, одговорот е потврден, и се додава дека е забележан момент кога Русинот, англискиот јазик го изговара течно.

Се вели и дека неговиот портпарол Дмитриј Песков, во една прилика изјавил дека Путин дури и го исправа говорот, доколку не е правилно преведен на англиски.

На интересното прашање, дали Путин го сака Трамп, Би-Би-Си вели:

„Иако се говори за вмешаност на Русија во претседателските избори во Америка, на ова прашање, само Путин го има одговорот“.

На можеби најчудното прашање дали Путин го украл „Супер Бол прстенот“, во одговорот стои дека има причина зошто ваквото прашање е најчесто поставувано.

Во објаснувањето стои дека Роберт Крафт, сопственикот на Њу Ингленд Петроитс, кој во 2005 гоина го освоил овој прстен, тврди дека рускиот претседател му го украл.

Крафт тврди дека во 2005 година кога заедно со уште неколку американски бизнисмени, се сретнале со Путин во Санкт Петербург, тој му го покажал прстенот. Рускиот претседател наводно го ставил на својот прст, и рекол дека може да убие некого со него, а потоа го ставил во џеб.

„Путин потоа изјавил дека ако има толкава вредност ваквиот прстен како што се вели, тој ќе нарачал да се направи нов прстен, за Крафт и неговиот тим“, наведува Би-Би-Си.

Путин меѓу останатото е и велосипедист.

 

Scroll to Top