Се бара претседател на Русија

Руски сајт за вработување објави оглас за работно место претседател на Русија, со дополнување на потребните услови. Во описот се наведува дека кандидатот ќе биде избран според резултатите на изборите во 2018 година.

Популарната страница за барање работа „Superjob“ наведува дека за работното место претседател на Руската Федерација може да конкурираат кандидати над 35 години, а дека полот, образованието и искуството не се важни.

Човекот кој се пријавува за ваква работа мора да биде социјално активен и патриот.

Идеалниот кандидат треба да поседува руско државјанство најмалку во текот на последните десет години, мора да знае барем еден странски јазик и да биде подготвен за почести службени патувања.

Меѓу обврските е и потпишување државни закони, меѓународни договори, амнестија и уште многу слични работи.

Лицето на позиција претседател може да користи службен авион, стан, викендичка, лична канцеларија во Кремљ и бесплатен  превоз на релација дома-работа.

Уредништвото на страницата наведува дека ваквиот оглас во пресрет на претседателските избори за нив е веќе традиција.

„Само сакаме да потсетиме дека позицијата претседател на државата, исто така е работно место“, велат од компанијата.

Претседателските избори во Русија ќе бидат одржани во март наредната година, а рускиот претседател и најголем фаворит за нов мандат, Владимир Путин, сè уште не се изјаснил дали повторно ќе се кандидира.

 

 

 

 

Scroll to Top