Се менува старосната граница – кога ќе одиме во пензија?

Македонија мора да ја зголеми старосната граница за пензионирање и да се усогласи до европската за да се покрие дупката во пензискиот фонд.

При зголемувањето на пензиите пресудна треба да биде инфлациската стапка, а не порастот на платите, препорачува Меѓународниот монетарен фонд, како една од мерките за реформи и спас на пензискиот систем, пишува Скај.мк.

„Дефицит во пензискиот фонд во Македонија е 4.5%, но со оглед дека населението старее, се очекува процентот да се зголеми до 10,5%.

Не е одржливо и нешто мора да се случи за да пензискиот фонд биде одржлив, возраста на пензионорање да се доведе во согласност со европските земји“, вели Џасмин Рахман, шеф на мисијата на ММФ за Македонија.

Сега прагот за заминување во пензија е 62 години за жени и 64 за мажи, но има и можност за доброволно продолжување.

Според Рахман, Македонија која е со највисока стапка на невработенот во Европа, сериозно треба да работи и на задржување на квалитетните кадри, чие мигрирање кон Запад изминатите неколку години е евидентно.

За тоа е потребно на младите да им се обезбеди квалитетна иднина.

Генералниот став на ММФ е дека Македонија има значителен напредок во политичката стабилизација, но дека треба да поработи на справување со корупцијата, стабилизација на институциите зајакнување на надворешната трговија но и силни странски инвестиции.

Заменик директорот на ММФ, Тао Џанг вели дека клучни се реформи во управувањето и правото за мала земја како Македонија, која заедно со Западен Балкан, иако го подобрила животниот стандард, се уште заостанува во однос на развиените држави.

Мора да зајакнат институциите и да се инвестира во инфраструктурата.

„Македонија ја надмина политичката криза, но треба да работи на реформи во судството и справување со корупцијата, така ќе ја врати довербата“, вели Тао Џанф, заменик директор на ММФ.

Според гувернерот на Народната банка на Македонија Димитар Богов, „ниската продуктивност и понатаму ги замаглува изгледите за економски раст , а инфлацијата остана ниска во многу земји.

Постојат геополитички ризици и ризици од прекумерна задолженост и отпорност на финансискиот сектор кон потенцијални нови шокови“ .

Џанг и Рахман беа гости на денешната меѓународна конференција, чии домаќин беше Народна банка на Македонија, а се дебатираше за клучните предизвици на светската економија.

На конференцијата присуствуваа над 200 странски и домашни експерти, како и врвни претставници на централни банки и меѓународни финансиски институции.

Scroll to Top