Швајцарија забрани јастозите да се готват живи

Вообичаената кулинарска пракса ставање свежи јастози во зовриена вода, како и нивниот транспорт во мраз или во ледена вода од денеска се забранети во Швајцарија.

„Живи ракови, вклучувајќи и јастози, повеќе не смеат да се транспортираат во мраз или во ледена вода. Водените видови мораат секогаш да бидат чувани во нивното природно опкружување. Тие отсега мораат да бидат онесвестени пред да бидат убиени“, се наведува во новиот правилник што владата го усвои и кој ќе стапи на сила во март.

Новите правила имаат за цел и да ги разоткријат незаконските фарми за кучиња, да воведат забрана за уреди кои се користат за казнување на кучињата и наведуваат низа  услови за успивање на болни и повредени животни, како и казни за организаторите на настани како што се борби на животни.

Швајцарија, како што се наведува, не е сама во одлуката да ги заштити јастозите од нехуманиот третман во кујната, како што го опишуваат активистите за заштита на животните.

Врховниот суд во соседна Италија во јуни изгласа дека јастозите не смеат да бидат ставени во мраз во рестораните затоа што кај нив тоа предизвикува неверојатно мачење пред да станат фина вечера.

Италија со ваквата пракса почна во јуни минатата година.

Scroll to Top