Жените кои јавно проговорија за сексуалното вознемирување избрани за Личност на годината

Магазинот „Тајм“ за Личност на годината ги избра жените кои јавно проговорија за своите искуства со сексуалното вознемирување, што беше една од најжешките теми во 2017.

Неформалното движење „Прекршувачи на тишината“ тесно се поврзува со хаштагот #MeToo, преку кој се ширеа обвинувањата против моќниот холивудски продуцент Харви Вајнстин.

Но, магазинот вели дека хаштагот е „дел од сликата, не и целината“.

„Ова е општествена промена што најбрзо се ширеше изминативе децении. Движењето почна како поединечен чин на храброст на стотици жени, но и некои мажи, кои излегоа во јавност со своите приказни“, кажа главниот уредник на „Тајм“, Едвард Фелзентал.

Целиот скандал почна во октомври, кога „Лос Анџелес тајмс“ објави текст за долгогодишната пракса на Вајнстин сексуално да малтретира жени, главно, актерки, по што голем број од нив јавно проговорија.

Многу жени решија да проговорат за сексуалното вознемирување кое го доживеале. Меѓу нив и актерката Ешли Џад, активистката Тарана Бурј, актерката Селма Блер, американската политичарка Сара Гелсер, пејачката Тејлор Свифт и актерката Роуз Мекгован.

Како втор во изборот, што почна во 1927 година, заврши американскиот претседател и лански победник Доналд Трамп.

Титулата најчесто ја добиваат поединци, но во 2011 година тоа беше Демонстрант, како асоцијација на Арапската пролет, а во 2014 победија борците против еболата.

Scroll to Top