Кременадли во сос од печурки

Потребни состојки:

4 свински кременадли
8 лажички сенф
сол, црн пипер
масло за пржење

Сос:

250 гр свежи кафеави шампињони
200 гр крем-сирење
100 мл павлака за готвење
1/2 л лажичка инстант-супа од зеленчук
2 лажички мешан зачин (оригано, босилек, рузмарин, мускатно оревче, магдонос)
1 главица кромид
1 чешне лук
малку црн пипер

Начин на подготовка:

Кременадлите измијте ги и исушете ги со кујнска хартија. Посолете, посипете ги со црн пипер и премачкајте ги од двете страни со сенф. Пржете во загреано масло на умерена температура додека не заруменат. Извадете ги на страна и завиткајте ги во фолија за да останат топли додека го спремате сосот.

Подготовка на сосот:
Кромидот исечкајте го ситно. Шампињоните исчистете ги и исечкајте ги на ленти. Во едно тавче загрејте малку масло и ставете го кромидот да се пржи. Додадете го изгмечениот лук и пржете околу една минута на умерена температура. Додадете ги шампињоните и оставете да се динстаат 10-ина минути, повремено промешувајте. Кога шампињоните ќе омекнат, додадете го крем-сирењето, промешајте за сè убаво да се изедначи и ставете ја и павлаката за готвење. Додајте ја и инстант-супата и другите зачини. Оставете да се крчка 5 минути.
Ставете го сосот во еден огноотпорен сад и врз него наредете ги кременадлите. Посипете со магдонос или со власец. Послужете со печени компири или пире од компири.

 

 

Scroll to Top