За време на Груевски, ВМРО ДПМНЕ прерасна во пирамидална шема

Губењето на власта по повеќе од една деценија, го разбранува наводно цврстото партиско ткиво на ВМРО-ДПМНЕ. Веќе десетина денови, неколкумина членови на ВМРО-ДПМНЕ, во рамките на Статутот, како што велат, низ партиска процедура, бараат демократизација на партијата. Се залагаат за промена на внатрепартиската легислатива. Влатко Атанасоски, магистер по меѓународна економија, актуелен директор на Агенцијата за пошти е еден од реформаторите. Тој е член на партијата од 2003 година, поранешен координатор на прилепскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ и член на ЦК на партијата. Една од опциите за демократизација на ВМРО-ДПМНЕ, тој гледа во поддршката на иницијативата за вонреден конгрес пред локалните избори, од најмалку половина од членовите на ЦК. Во интервју за ЦИВИЛ Медиа, тој вели дека „на вонредниот конгрес, освен одговорност и анализа на работењето на партијата, ќе бидат отворени прашања коишто веројатно ќе значат јасна потреба од промена на Статутот и оставка на претседателот и ИК“.

 

ЦИВИЛ Медиа: Изедначувајќи ја државата со партијата, ВМРО-ДПМНЕ ја врати Македонија и нејзините граѓани децении назад, далеку од евроатланскиот пат, што значи гаранција за стабилност на државава во овие граници. ВМРО-ДПМНЕ ја партизираше администрацијата, ги руинираше медиумите, го девастираше целото општество… Од друга страна, во моментов се отворени бројни истражни постапки во СЈО, против истакнати партиски функционери во ВМРО-ДПМНЕ, обвинети за бројни кривични дела кои произлегуваат од „бомбите“ што ги обелодени СДСМ. Зошто, кај вас, неколкумина членови на ВМРО-ДПМНЕ коишто бевте на значајни функции во време на владеењето на партијата, овој порив за нејзина демократизација се појави токму сега, откако вашата партија премина во опозиција? Не е ли предоцна да се бара алиби за колективната одговорност?

АТАНАСОСКИ: Мој став е дека изедначувањето на државата со партијата, кое што го споменувате во прашањето, беше подеднакво штетно за ВМРО-ДПМНЕ, колку што беше и за државата. ВМРО-ДПМНЕ успеа за краток временски период да изгради внатрепартиски систем на селекција, контрола и влијание врз луѓето, кои беа плански селектирани како „подобни“ и тие беа именувани или назначувани за одговорни, државни функции со што практично, институционалниот капацитет на државата беше сведен на партиската волја на раководството на партијата. Ваквиот систем се ширеше и мој став е дека ВМРО-ДПМНЕ за време на раководењето на Никола Груевски, прерасна во пирамидална шема која се одржуваше и растеше -„продавајќи“ и „заработувајќи“ од ширење на членството, а не од реализација и имплементација на политиките на една десно ориентирана, демохристијанска, демократска, народна партија.

Со текот на времето во кое ќе биде проучен овој период од постоењето на ВМРО-ДПМНЕ, се надевам дека сите ќе добијат јасен и недвосмислен увид, дали се спроведувало свесно и планирано, ова што сега изгледа како злосторничко здружување, со цел постигнување на енормно политичко влијание и надмоќ во политичкиот систем на државата и државните институции, преку кое се остваруваа лукративните и политичките цели на тесна партиска елита, лично селектирана од Груевски, инсталирана во ИК на ВМРО-ДПМНЕ… Исто така, ќе биде јасно, дали зад  колективните идеи и одлуки на ЦК (чиј претседател е повторно Груевски) се реализираше еден злокобен план на само еден човек.

Иницијативата за демократизација ја поврзуваат долгогодишните обиди за внатрепартиска реформа во насока на демократизација на процесите за избор и процесите за утврдување на одговорност за политичките одлуки на партијата. Овие обиди беа маргинализирани низ неверојатно ефикасниот внатрепартиски систем на филтрација и цензурирање на информациите, со години наназад. Сега, по ланските декемвриски изборите, на кои, иако освои најмногу пратеници, беше очигледно дека (исклучиво поради обидот на Груевски, изборната победа и името на партијата да ги искористи за политички преговори во коишто во преден план му беа да се договори за својата политичка судбина), ВМРО-ДПМНЕ нема да формира влада. Тоа и се случи. Обидот да се наметне во ВМРО-ДПМНЕ, дека овој политички дебакл е резултат на некакви заговори и да се одбегне одговорност за сѐ што се случи, како и обидот без отчет веднаш да се дефинираме како опозициска партија, преку кој нечујно се сакаше бргу да се скројат советничките листи за локалните избори и да се изберат кандидати за советници и градоначалници по личен избор на Груевски (со што јас лично сметам ќе се стави крај на постоењето на ВМРО-ДПМНЕ!), беа главните причини, за јас лично да ја поддржам иницијативата.

Во однос на тајмингот, од политички аспект, сега е вистинскиот момент за внатрепартиска реформа, зашто ценам дека промените мора да се случат пред локалните избори. Иницијативата не претставува „барање алиби за колективна одговорност“ како што велите, но има за цел да поттикне дебата која ќе води кон статутарни реформи во ВМРО-ДПМНЕ. Одговорноста на сите оние, што злоупотребувале партиска функција во ВМРО-ДПМНЕ ќе биде утврдена, иако тоа ќе биде побавен процес, но неизбежен, зашто сметам дека реформите и промените, не само во политичките партии, туку секогаш, имаат поголема шанса да фатат корен, ако се базирани на праведноста и владеењето на правото.

ЦИВИЛ Медиа: Ќе иницирате смена на Груевски и неговата клика, за конечно и ВМРО-ДПМНЕ да почне да „дише“ и се “ослободи“ од „груевизмот“, како врвна партиска идеологија, неспоива со онаа на сегашните реформатори на ВМРО-ДПМНЕ?

АТАНАСОСКИ: Ние побаравме промени и имаме цврст став, дека дејствуваме во рамките на постоечкиот Статут, а се залагаме за реформа внатре во партијата, преку статутарни промени во насока на демократизација, транспарентност и политички прогрес. Иницијативата нема за цел да го смени Груевски, туку да ја промени внатрепартиската легислатива, по која се избира не само претседателот на партијата, туку и другите органи на партијата, како ИК и ЦК или општинските и месни комитети, и предвидува систем на одговорност. Промена на сегашниот систем кој (замислете претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, истовремено е и претседател на ИК и ЦК?!) во најмала рака е неодржлив, во една демократска политичка средина. Опциите како да се направи тоа се многубројни. Наједноставната, којашто јас лично ја поддржувам и за којашто има време да биде реализирана до локалните избори, е поддршката на иницијативата за вонреден конгрес од најмалку половина од членовите на ЦК. На вонредниот конгрес освен одговорност и анализа на работењето на партијата, ќе бидат отворени прашања, коишто веројатно ќе значат јасна потреба од промена на Статутот и оставка на претседателот и ИК. Новиот систем на избори во партијата нема да ја скрати можноста на Груевски и кликата (ако не бидат во затвор дотогаш) за внатрепртиски натпревар, иако сметам дека ваквата демократска реформа во ВМРО-ДПМНЕ, ќе оневозможи авторитарно делување од вакви размери во иднина. Иницијативата за реформи е иницијатива за промени, а не само за победи.

ЦИВИЛ Медиа: Не стравувате ли дека партиската клика, против која се водат истражни постапки, којашто упорно сака да ги задржи позициите во најбогатата партија во Европа, ќе примени секакви методи за да ве „тргне“ од патот?

АТАНАСОСКИ: Па, веќе применува. Но, јас лично не стравувам. А, позицијата на најбогата партија во Европа е спорна од два аспекта. Пред сѐ, богатството на партиите, како и општественото богатство, јас лично го ценам и вреднувам по богатството, со кое се располага  како човечки капитал, идеи и политичко или општествено знаење. Од овој аспект, ВМРО-ДПМНЕ се збогати материјално, но осиромаши со човечки капитал и идеи! Другиот аспект е потеклото на тој имот, измерен во пари и начините на коишто е стекнат. Сметам дека голем дел од новостекнатиот имот е предмет на злоупотреби и незаконски дејствија и може да биде предмет на истраги. Да не зборувам, колку сомнеж создава одлуката да се задолжи партијата пред изборите со хипотекарен кредит, од околу три милиони евра во Комерцијална Банка А.Д, каде како колатерала е задолжена зградата на седиштето, иако можеле да бидат заложени други имоти коишто очигледни сме ги стекнале во изобилство.

ЦИВИЛ Медиа: Груевски сѐ уште има многу приврзаници во своите редови. Како ќе ја реформирате партијата и колкав е бројот на тивките бунтовници во редовите на ВМРО-ДПМНЕ?

АТАНАСОСКИ: Тие партиски членови што сè уште не се охрабрени да кажат јавно што мислат (без разлика дали мислат, исто како „реформаторите“) се следбеници и тоа е тежок товар од минатото на ВМРО-ДПМНЕ. Јас не правам такви анализи и нашата иницијатива е токму повик за личниот глас на членовите на ВМРО-ДПМНЕ, на сите членови, без разлика како размислуваат. Следните наши чекори ќе дадат конкретни одговори на прашањата, колку од актуелните членови на ВМРО-ДПМНЕ се за реформи, а колку би останале верни на политиката, да не се бара одговорност од актуелното раководство и би се согласиле под нивно раководство, на ист начин, да се состават кандидатски листи за следните локални избори. Тоа не значи дека ние сме затворени и нема да дозволиме некој да не биде прифатен, затоа што се предомислил. Веруваме во слободата на политичката волја и нејзиното слободно изразување. На некој начин, ова е филтер и внатрепартиски избор, што според мене, ја определува иднината и принципиелните одредници во кои ќе дејствува ВМРО-ДПМНЕ, во следните 4-5 изборни циклуси, исто колку што е можноста којашто, за првпат ќе овозможи различните ставови во ВМРО-ДПМНЕ, да не бидат во корен пресекувани како предавнички, без воопшто да се чуе барем за момент, суштината на различните ставови или личната суштина на луѓето, што ги кажуваат или пренесуваат.

ЦИВИЛ Медиа: Според СДСМ, „потребно е чесните членови, пратеници и активисти на ВМРО-ДПМНЕ да се приклучат кон демократизацијата, да започнат внтарепартиски реформски процеси и да се оградат од ретроградните, насилните и антидржавнички политики на Груевски“. Кој е вашиот коментар на ова?

АТАНАСОСКИ: Немам коментар на ставови на СДСМ, зашто сум убеден дека Владата којашто ја состави СДСМ е институција без уставен темел и во моментов, со предавањето на власта на таква влада, и аболицијата на Груевски, актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ учествува во велепредавството на државата. Ова го надополнувам, зашто актуелното ВМРО-ДПМНЕ, дозволи да учествува во уште еден „дил“, со којшто беше поткопана уставноста на државата, а тоа е продолжувањето на мандатите на градоначалниците во Македонија. Мандатите кои беа продолжени беа истечени, а не прекинати, и не смееат да бидат продолжени! Секој од актуелниве градоначалници, нема воопшто поголемо право да биде градоначалник, од кој било друг граѓанин во неговата општина, само затоа што, тој бил последен избран.

ЦИВИЛ Медиа: Како нереформираното ВМРО-ДПМНЕ ќе се бори на локалните избори? Не планирате ли настап на локални избори, како посебен политички субјект, со нова програма?

АТАНАСОСКИ: Сè уште е рано за такви проценки. Мора да се почека како ќе биде прифатена иницијативата од членството (зашто, актуелното раководство во свој стил, впуштајќи се во лични дискредитации, не расправа за суштината на проблемите, туку илустративно се произнесе, како размислува што беше очекувано). Одлуките за понатаму ќе зависат и од личните ставови на секој што ја поддржува иницијативата и одлуката за независен настап би била предмет за расправа, веројатно на еден месец пред локалните избори. Во случај на отпор кон иницијативата (зашто, иницијативата, покренувајќи јавна дебата за состојбата во ВМРО-ДПМНЕ е веќе успешна, а обидите на актуелното раководство, преку притисок и уцени кон членството, да се сопре саморазмислувачкото дејствување се силни) јас лично поддржувам независен настап со кандидатски листи за советници, но не и градоначалнички кандидати.

ЦИВИЛ Медиа: Која е вашата порака до оној дел од партиското членство, коешто вашата заложба за демократизација ја смета за предавничка?

АТАНАСОСКИ: Ја имате целосната слобода да одлучите, кој е предавник, откако ќе ја слушнете целата вистина, за тоа што се случуваше под површината на лажниот патриотизам на Груевски и на неговите „кадри“, каде се оддалечуваше секој разумен самомислечки слободоумен патриот, а се прибираа и се задоволуваа интереси на сите оние коишто беа подготвени да слушаат да и извршуваат без многу прашања. Груевски методолошки и веројатно свесно, изгради систем во кој, иронично, но вистинито, не ни можеше да се појават предавници. Едноставно, сите што барем малку различно мислеа и јавно зборуваа, беа бргу отфрлени или исклучени од ВМРО-ДПМНЕ. За жал, сите учествувавме во предавство, иако многумина без да знаат – и невини, но не секој имаше еднаква одговорност.

(Извор/ЦИВИЛ Медиа)