Плука Мирка без зазор и запирка

НЕОПХОДНИ НАПОМЕНИ

Вчера. (19 август 2016) ми се јави Ѓорѓи Спасов. Ми рече дека сме имале некој поздрав од Мирка Велиновска. Поздравот беше колумна од Мирка под наслов „Мислите на Атанас Вангелов и зошто Ѓорги Спасов не е магаре“, објавена во “Нова Македонија“. Над насловот на колумната стои датум 18. 08. 2016 год. Му одговорив на Спасов дека одамна сум се раскусурил со Мирка, еднаш засекогаш. Додадов уште, на непрочитано, дека ќе и вратам (евентуално) поздрав на Мирка ако го најдам мојот одговор за неа од пред многу години.

atanas vangelov

Во 2004 г. Мирка Велиновска пишиваше мега-портрети за ликови од јавниот живот кои ги објавуваше во „Фокус“ на покојниот Никола Младенов. Во број 488 од 29. 10. 2004 г. Мирка се занимава и со мојата скромност. Напишав одговор на таа занимација кој се вика „А ви целка, Мишкина?“ Зборот „целка“ е русизам кој има „девица“ како еквивалент во македонскиот, а virgo intacta во латинскиот јазик. Мишкина е замена за Мирка, изведена од кнез Мишкин во „Идиот“ на Достоевски. Скриената порака е: сите околу неа се „ороспии“, само Мирка е невина.

Има и кратко писмо кон тој одговор, упатено до Јадранка Костова. Изгледа, „Фокус“ одбил тогаш да го објави мојот одговор. Затоа сум го препратил до „Старт“ на Љупчо Палевски. „Старт“ го објави со карикатура во колор на Велновска на насловната страница, правена по мотивот “триклета блудница вавилонска“ кој го има во тој облик во мојот одговор. Откако се појави тој број на „Старт“, ми се јави со порака Ерол Ризаов која добро ја запаметив. Пораката велеше: “Не може да не се испрска човек што фрла камен во ќенеф. Ти не си се испрскал.“

Кога, по толку години, пак ми се (на)враќа Мирка, очигледно е дека ни не може без мене. Ја разбирам. Онака како што се шири и разлева нејзината телесна верзија, се стеснува и стврднува нејзината душа која пука како костен на жар. И една душа-костен на жар има потреба од други кои веќе ги – нема. Затоа и ми се (на)враќа. Иако со еден порој-плуканици, како оној библиски дожд над Стајковци. Со тоа разлика што сегашните плуканици се сè посуви и посуви. Како барут кој се пали сам од себе. Ни него го нема. Има нешто мирис од него, слаб.

Тука го (пре)објавувам вториот дел од мојот некогашен одговор за Мирка затоа што добро одговара на нејзините сегаши плуканици со подгорени усни. Одговорот е со два поднаслова („Сосем кратка историја“ и „Во што е штосот“). Тука ги изоставам поднасловите. Давам само дел од тој одговор во „Старт“ затоа што „Плусинфо“ и „Слободен печат“ избегнуваат подолги текстови.

А ВИ ЦЕЛКА, МИШКИНА?

Сè би било како што треба („ороспиите“ би биле „ороспии“ како што вели кнегиња Мирка, а пак таа – олицетворение на морална чистота во кристали, кога би немало учени теории од учени луѓе кои тврдaт дека само од грешници се прават светци и светици, а најдобри светци и светици се прават од триклети блудници вавилонски. Нема да се повикувам на тие теории. Ќе се повикам само на лично, заедничко искуство со госпоѓа Мирка, затоа што мора да го потврди ако држи до нешто „доблест“ како искреноста, на пример, но и мора да го одрече ако не држи, што ќе покаже дека ни таа не е светица, иако сака многу да биде (едно е да сакаш, сосем друго да си). Еве го тоа искуство кое секако го памети Мирка. Мислам дека и се врежа тогаш.

Пиевме виски пред не многу години во некогашниот син клуб на СДСМ. Беше време кога падна „Пулс“ и се дигна „Старт“ во кој, госпоѓа Мирка, си ја продолжи кариерата на прво ударно-ударничко перо. Ние бевме четворка: тогашниот шеф на СДСМ Бранко Црвенковски, неговиот возач Зоран Јованов, госпоѓа Мирка и мојата скромност. Се знаеше и порано, како и тогаш, дека госпоѓа Мирка е на „ти “ со шефот на СДСМ, како што беше и со претседателот Глигоров; дека ги држи на линија; дека може да им „ѕврцне“ во секоја доба на денот и ноќта; дека така доаѓа до „детали“ до кои не доаѓа никој освен неа, не доаѓа во жална Македонија, што и носат професионална предност од која се прави име.

Тоа е статус кој се добива колку по заслуга на новинар, толку по заслуга и на висок човек од високата власт. Тоа значи дека се служите со луѓе од високата власт толку колку што им – служите. Дека токму така стојат тие работи можев и сам да се уверам.

Почна еден „дијалог“ со тазе депилиран јазик. Беше немариниран и навредлив за која било госпоѓа, вклучително и за госпоѓа Мирка. Се вмешав во тоа кога видов дека и се врза јазикот во четири: се скамени, остана без текст. Видов и нешто друго. Видов скриена солза која во последен момент смени правец и место во нејзинатo виски, капна во нејзината душа. На моето прашање зошто така се разговара со една госпоѓа, ми се одговори: таков бил обичајот „меѓу нив“.

Разбрав и друго: Мирка е многу повеќе ранлива отколку што велат нејзините пцости и злости. Мирка многу повредува затоа што и многу ја повредуваат. Мирка милува многу да ја повредуваат: така испаѓа дека лоши волци голтаат Црвенмирка. Мирка дури и се самоповредува за да ни покаже издржливост (надмоќ). Така си се самопроизведува во хиеперморален јунак на нашето време (женски мак-Печорин).

Тоа го сфатив тогаш, а така мислам и сега. Токму тоа ме уверува дека нејзината глад по повреди крие див порив за самоповреда, и токму таа увереност ја претвора лошата лутина во добра жал. Знам дека не само кај Мирка, туку и кај секој човек зборот „жал“ буди гнев (кој милува да го жалите?), но знам исто така дека лошата вистина е многу подобра од добрата заблуда. Непристојно е да кажувам како сам се гледам во своите очи и затоа ќе го кажам само ова: ни Мирка што е Мирка не била секога и отсекогаш – светица. И таа била на „ти“ со „ороспијата“ Бранко, а делела виски и со првата “ороспија“ [авторот на овие редови] од нејзината сегашна листа. Добро, тоа било и поминало. Ама како да се замисли „сега“ без – поминало?

Точно е, избирате партнери со кои се зближувате, како што е точно дека и тие ве – избираат, особено кога станува збор за луѓе од високата власт. Зближувањето има цена што ја плаќаат и едните и другите. Освен тоа, високата политика има потреба од „шпиц-пера“ кои не можат да останат шпиц на подолг рок. Прочината е проста: судбината на секое „шпиц“ е да „отапува“, од што следува дека „шпицот“ мора постојано да се остри, а тоа го троши. Освен тоа, постојано му дишат во врат на едно „шпиц-перо“ други кои се острат во сенка. Чекааат момент за да се најдат под чадорот на политичка марка во фокус.

Можеби грешам, ама тоа се случи со коментарите на Сашо Чолаковски кои почнаа да го прават тоа што го правеа коментарите на Мирка во „Пулс“ и „Старт“. Испадна од игра Мирка: може по природен, може по миг на „близина“ која почнала да се лади кон неа. Тоа е загуба на првенство и тоа боли. Многу, затоа што човек лесно се навикнува на првенство, а тешко (или никогаш не) се одвикнува.

Ете зошто само пламена љубов меѓу крупна политичка ѕверка (Брано Црвенковски) и крупна новинарска мерка (Мирка) се гаси и станува отров-омраза, „проста до животинско“ (Конески). Како и во секоја, и во неа има слепило. Тоа не признава правила. Поточно, го признава само правилото “дозволено е сè.“ Ама тоа ја брише цртата меѓу „доблест“ на Мирка и порок на осумте елитни “ороспии“ од нејзината листа во „Фокус“. Пак испаѓа дека, во срцето на сегашниот морален кристал на кнегиња Мирка Мишкина се крие првоначален и мачен грев на една бивша Мирка Велиновска. Гревот си има и своја особена нарав. Се состои во тоа да работи толку поупорно, колку што подлабоко го закопува Мирка. Не мислам дека е тоа работа за која абер си нема Миркица. Мислам дека не знае – едно. Таа не може да смисли толку гадости колку што можам да издржам, од причини што ги кажав веќе. И затоа – ну давај, Мишкина!

Атанас Вангелов – Фејсубк статус

loading...