Прва награда во Италија за снимен филм од децата од Домот 11 Октомври

Домот за деца без родители „11 Октомври“ е добитник на првата награда за најдобар филм во Бари, Италија, на регионалниот фестивал за филм и детски цртажи Bene- Male.
Станува збор за филмот „Два света”, краткометражен, што децата го снимија со своите воспитувачки на дадената тема од организаторите „Здрава љубов- болна љубов”. Го прикажува животот на едно девојче во домот за деца без родители и животот на друго девојче во сопствен дом со своето семејство.
– Премногу сме горди и среќни за успехот на филмот на нашите дечиња. Фестивалот традиционално се одржува секоја година во Италија и е посветен на децата, нивниот развој, детството. Се претставивме со филмот „Два света”, кој ни донесе голем успех и признание, изјави  директорката на „11 Октомври“ Ристенка Атанасова.
Покрај учеството во филмскиот дел на фестивалот, беа претставени и цртежи од децата, а претставниците од Домот учествуваа и во трибина на тема семејно насилство.