Богоевски до Дачиќ: Дај ми еден доказ дека сум протестирал против Вучиќ

Малку познато за мене, јас сум четвртина Србин. Баба ми е родена во прешевскиот крај, имам роднини и често одам таму.

Најмногу поради тоа, би сакал да одговорам на вчерашната изјава на Министерот за надворешни работи на Р.Србија Ивица Дачиќ, за моја наводна вклученост во протестите против Претседателот на Р.Србија Александар Вучиќ:

Буткањето на еден владетел кој сака неконтролирано да практикува неограничена моќ ми е повеќе од доволно. Ако некогаш имам сила за уште еднаш, тоа може да биде само за Македонија и ниту една друга држава во светот. Со други зборови, на никаков начин не сум учествувал во организацијата на протестите, ниту во протестирањето против Вучиќ.

Исто така, би замолил за барем еден доказ за мојата наводна вклученост во српските протести против Вучиќ. Фотографија, видео, порака, било каков доказ – каков што на пример, има за присуството на српскиот агент на БИА во Собранието на РМ на 27ми април.

Бидејќи сега сум Пратеник од парламентарното мнозинство кое ќе ја креира новата Влада и надворешната политика на државава, дали ова значи дека МНР на Р. Србија ја обвинува Р. Македонија за мешање во нејзините внатрешни работи?

Отсекогаш сум го поддржувал и ќе го поддржувам правото на ненасилно изразување протест и граѓански револт. Верувам дека истото треба да го направат и сите политичари, министри, претседатели и влади во светот, кои сакаат да се наречат демократски.

Павле Богоевски – Фејсбук статус