Бугари за Велигден ќе јадат македонски јајца и месо

Малешевски и делчевски јајца и јагниња ќе се најдат на велигденската трпеза кај соседите од Бугарија. Разликата во цените на јагнешкото месо, но и на јајцата, пред велигденските празници го збогати традиционалниот пазар на Бугарите во Делчево.
Си купивме јајца и тоа 4 табли, јагнешко, дробчиња, овде месото е поевтино и поубаво, велат гости од Бугарија.
Делчевските месарници денеска беа полни со купувачи, иако месарите не сакаа да коментираат за цените и зголемениот промет, сепак, тие тријат раце од напливот на купувачи. Јагнешкото месо во Делчево се продава за 280 ден, иако откупната цена е тројно пониска, но и оваа цена одговара на бугарските гости, каде цената на месото достигнува и до 16 лева, односно околу 480 денари. Истото се однесува и на цената на јајцата.
Првпат дојдов, овде сме на прошетка, ја споивме со пазарување, најмногу купуваме ориз, но и ќе пробаме од плескавиците, а ќе останеме и на музика, овде и музиката е добра, велат тие.
Пазарџиите се задоволни од продажбата. Веќе неколку години, нивниот промет го зголемуваат бугарските гости.
Купуваат од се по малку и го раздижуваат пазарот, велат делчевски трговци.
Делчевските пазарџии, продавници и ресторани, псоледниве три години живеат од бугарските шопинг -туристи што придонесува за локалната економија, но од друга страна релативно повисоките цени на производите и услугите не им оди во прилог на делчевци.

(Извор/ТвСтар)