(ВИДЕО) Шилегов: Само бандити и криминални политичари се кријат зад затворени врати

Во одлуката за формирање на Анкетната комисија предвидовме дека можат да се појават сведоци и експерти кои можат да изнесат тајни податоци. На нас што сме нормални на крај на памет не ни беше дека тоа можат да го побараат јавните личности. Премиерот и вице-премиерот да одбиват да дадат изјава пред јавност е срамно во најмала рака, изјави претседателот на Комисијата, Петре Шилегов, откако денеска одби да го сослушува на затворена седница министерот за финансии, Зоран Ставрески.

Анкетната комисија рече тој, постои за граѓаните да чујат кој за што треба да сноси политичка одговорност, а не, рече, за власта да се крие зад затворени врати.

-Втор пат во ова Собрание новинарите беа избркани од премиерот Никола Груевски на минатата седница. Четворица повикани сведоци воопшто не се појавија да дадат исказ, иако се главни актери во аферата за прислушување. Двајцата кои што дојдоа побараа затворена седница. Само криминални политичари можат да се кријат на затворени седници за да ги скријат своите криминали. Јавноста мора да знае за криминалот и корупцијата на оваа власт. Не ја бојкотираме работата на Анкетна бидејќи скандалот за корупцијата и криманалот јавноста треба да го види, нема да дозволиме од јавноста да биде скриена вистината – изјави Шилегов.

Пратеничката група на СДСМ повторно ќе бара Груевски да сведочи пред Анкетна. Во новата листа на сведоци која ја предложиле, пратениците од опозицијата бараат на сослушување да се појави и нивниот лидер, Зоран Заев, а трет на списокот е генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски.

-Ги повикувам Никола Груевски и неговата тајфа да дојдат и да се појават пред јавноста. Немам намера да губам време со вакви бандити. Нема потреба да ги држиме седниците за да кажеме само дека сме ги одржиле, јавноста има право да ги чуе одговорите. Седницата за Ставревски ќе биде предложена во оној момент кога ќе излезе пред македонската јавност. Тајни сослушувања скриени од очите на јавноста, за криминалот и корупција на владејачката структура, не и се потребни на Македонија – рече тој.

Шилегов додаде дека пред почетокот на седницата ја донел одлуката да не ја одржи, но почекал да му даде време на Ставрески да се предомисли и да го повлече барањето за нејзино затворање.

loading...