ВМРО-ДПМНЕ со рекордни приходи во 2016

ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година го достигнала врвот во последниве години во однос на висината на приходите – дури 4,2 милиони евра легнале како приход на сметката на партијата, покажуваат податоците од Централниот регистар. Партијата ги зголемила своите приходи речиси двојно во однос на 2015 година, пишува БИРН.

СДСМ остварила приходи кои се за четири пати пониски од оние на ВМРО-ДПМНЕ, односно приходите изнесуваат 1,2 милиони евра, додека најниски приходи имала ДУИ, нешто над 378 илјади евра, најниска сума во последните три години.

За разлика од останатите години, кога од Централниот регистар се добиваше документ од кој можеше да се види од каде потекнуваат приходите (донации, закупнини и сл.) годинава на истиот вид документи не може да се види потеклото на приходите.

Ова се пари кои легнале на сметките на партиите, не земајќи ги предвид сметките, односно донациите кои се собираат за време на изборите.

Споредувајќи со листата на 200-те најпрофитабилни компании во Македонија што ја прави неделникот Капитал, може да се види дека приходи од 4 милиони евра, какви што има поранешната владејачка партија, имаат голем број успешни компании во земјава од областа на информатичката технологија, градежништвото, текстилната индустрија, трговијата со автомобили. Со други зборови, до неодамна владејачката партија, според пријавените приходи, би можела да влезе во групата најуспешни компании во земјава.

Токму начинот на кој ВМРО-ДПМНЕ се стекнувала со приходи се најде на тапет на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) кое минатиот месец отвори истрага со назив „Талир“. Според СЈО, првоосомничениот Никола Груевски како лидер на ВМРО-ДПМНЕ, од 2009 до 2015 година, прифатил незаконски средства за финансирање на партијата во вредност од 4,9 милиони евра.

Истрагата е насочена кон сомневањата дека раководството користело различни начини за овие пари да се „исперат“, односно легално да се внесат во партијата. Дел од 14-те осомничени се теретат дека ваквите донации ги прикажувале како легални уплати преку жиро сметка, односно како членарини и донации за партијата. Предистражната постапка покажала дека 14-те осомничени со парите купувале недвижен имот, биле подмирувани тековни обврски на партијата, а се трошело и за хотелски и ресторански услуги. Со овие средства, биле склучени и 71 договори за купување недвижен имот, вели СЈО за случајот „Талир“