ЗНМ: Да се укине притворот за Божиновски, кој штрајкува со глад

Насер Селмани, претседател на Здружението на новинари на Македонија и Рикардо Гутиерез, генерален секретар на Европската федерација на новинари, денеска побараа итно да се укине притворот за новинарот Зоран Божиновски, кој од 14 септември штрајкува со глад во истражниот затвор во Шуто Оризари поради, како што тврди, неоправдано продолжување на неговиот притвор и одолговлекување на судскиот процес.

Како што денеска информира на прес-конференција претседателот на ЗНМ Насер Селамни, Божиновски писмено ја известил управата на затворот за неговата одлука и побарал да го известат неговиот адвокат и народниот правобранител, што до денеска не било направено.

Од ЗНМ изразуваат загриженост за здравствената состојба на Божиновски, кој во изминатите седум дена одбивал да прими храна и вода во затворот и како последица на тоа дневно двапати прима инфузија.

На прес-конференцијата беше повикана судијката што го води случајот веднаш да го укине притворот, во спротивно лично ќе ја сметаат за одговорна за евентуалните последици по здравјето и животот на Божиновски. Го повикаа и Народниот правобранител да го посети Божиновски во затворот и да ги предупреди навремено институциите за последиците ако не постапуваат соодветно на ситуацијата.

Гутиерез, генерален секретар на Европската федерација на новинари, изрази разочарување затоа што се уште нема никаков одговор на неговото официјално барање испратено до Основниот суд 1 – Скопје да го посети Божиновски во затворот. Посочи дека како професионална асоцијација ја следат состојбата со медиумите и норинарите во сите 47 земји членки на Советот на Европа. Европската федерација на новинарите, потенцира, е една од официјалните институции кои ги мониторира случаите кога се работи за притвор на новинари и прекршување на слободата на изразување. Најави дека овој случај со Божиновски вчера го пријавил до Платформата на Советот на Европа, која е формирана од април 2015 година за регистрирање на случаи за прекршување на правата на новинарите. Досега, рече, во случајот на Македонија има пријавено осум случаи за сериозно прекршување на правата на новинарите, од кои три за притвор и за апсење, четири за физички напад и напад на интегритет на новинарите и еден случај за малтретирање.

Гутиерез посочи дека Република Македонија на 13 април 2016 година има потпишано одредена препорака за  заштита на новинарите во рамки на Советот на Европа.

– Нашата проценка како Европска федерација на новинари е дека праксатс во РМ не е во согласност со праксата во Советот на Еворпа и Европската конвенција за човековите права кога станува збор за заштита на правата на новинарите, истакна генералниот секретар на Европската федерација на новинари.