Летонија останува поддржувач на Македонија

Претседателот на македонското Собрание Талат Џафери денеска во Рига, каде учествува на 8. Меѓународен безбедносен форум, се сретна со претседателката на летонскиот Парламент, Инара Мурниеце.

На средбата е изразена благодарност за силната и конкретна поддршка што Летонија и ја дава на Република Македонија на планот на европската и евроатланската интеграција, а како позитивен импулс е посочена Заедничката изјава за отворање на пристапните преговори на Европската унија со Република Македонија, усвоена од страна на претставници на комисиите за европски прашања на парламентите на Летонија, Литванија и Естонија во 2012 година. – Со таа изјава се промовираше концептот на паралелно решавање на спорот околу прашањето на името и започнување на пристапни преговори, концепт кој потоа беше поддржан од многу земји-членки на Европската унија, се наведува во соопштението од Кабинетот на претседателот на македонскиот Парламент.

Од страна на летонската претседателка на Парламентот се упатени честитки за изборот на Џафери за претседател на Собранието и за изборот на новата Влада како прв чекор кон стабилизација на политичката состојба во државата.

џафери - мурниеџе

Претседателката на летонскиот Парламент истакнала дека Летонија и натаму ќе остане силен поддржувач на европската и евроатлантската интеграција на Република Македонија, бидејќи стабилноста на Западен Балкан зависи од неговата целосна европска интеграција.

Соговорниците споделиле взаемни уверувања и очекувања дека цврсто воспоставената билатерална соработка меѓу двата парламента на ниво на пратенички групи за соработка ќе продолжи и во иднина со несмалено темпо, со што пратениците од двата парламента ќе имаат можност одблиску да разменуваат мислења и искуства од парламентарното работење, меѓународната политика и други актуелни прашања.

Собранието на Република Македонија и Парламентот на Република Летонија заедно со Унгарскиот парламент пред неколку години имаа успешен ИПА проект, чиј проектен тим беше предводен од експерт од Летонија. Преку серијата семинари беше доближен процесот на пристапувањето кон ЕУ до службениците во македонското Собрание, како и предизвиците при спроведување на потребните реформи кои се бараат од парламентите на земјите кандидати за членство во Европската унија.