Македонија после Груевски ќе биде како Србија по 5 октомври

Да бидете уверени во тоа. Република Македонија после единаесет години власт на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски, нема да биде многу поразлична од онаа Србија на Милошевиќ која беше поразена на 5 Октомври 2000 година.

Да бидам искрен, до почетокот на оваа политичка криза како и пред нејзината фаза на кулминација, кога постоеше опасност за поширока регионална дестабилизација сеуште не ми беа јасни мотивите на онаа неприродна коалиција на ВМРО-ДПМНЕ со српските националисти. Но полека, чекор по чекор ми станаа јасни сите работи.

Но за жал ВМРО-ДПМНЕ е се уште во оваа неприродна коалиција која и нанесе големи штети на Република Македонија и предизвика сериозна можност за дестабилизација.

Не е спорно дека се воделе дебати во ВМРО-ДПМНЕ онака неофицијално под маса, околу тоа дека партијата е неприродно блиска со една политика на еден наш сосед, наспрам другите со кои ги влошивме односите. Некако таа близина особено се зајакна и кулминираше по доаѓањето на власт во 2014 година на Александар Вучиќ и неговата СНС како и Ивица Дачиќ и СПС, сепак како претставници на една политика која беше поразена во Србија на 5 октомври 2000 година.

Но треба да се каже на глас па кој како сака нека разбере. Улогата на официјалната српска политика за време на оваа политичка криза беше и се уште е во функција на подбуцнување и разгорување на меѓуетнички судири и нивно врамување во поширок регионален контекст. Тоа се виде јасно и после Кумановските настани, а се виде уште појасно и погласно за време на 27 април со настаните во Собранието. Официјален Белград радикално застана во одбрана на една политика која беше погубна за Република Македонија и тоа истата онаа политика која тие самите ја поразија на 5 октомври 2000 година.

Јас немам ништо против Александар Вучиќ и Ивица Дачиќ. Тие се легитимни претставници на граѓаните на Република Србија. Имам секако свое мислење за нив познавајќи ги како поранешни претставници на онаа политика за која велам беше поразена на 5 октомври, но тоа е избор на српските граѓани не е мој. Токму затоа сметам дека нивната улога како највисоки претставници на политичката власт во Република Србија не беше ниту малку пријателска и добронамерна спрема Република Македонија и тоа треба да им се каже. Тоа воопшто не значи дека ќе ги влошиме односите со нив како што сакаат некои контролирани пропагандни медиуми да го претстават и како што тоа го претставува Ивица Дачиќ во своите изјави против Зоран Заев. Не господине Дачиќ, мислам дека токму Вие ги нарушувате односите меѓу нашите пријателски земји. Но и покрај се, со Република Србија ќе продолжиме да градиме добри и пријателски односи во сите правци и така мора да остане. Република Србија и српскиот народ се наши големи пријатели.
Но, почитувани што ќе остане после ова единаесет годишно владеење.
Дали Македонија навистина ќе биде како Србија по 5 октомври. Тоа прашање често си го поставувам. Во Македонија се останати само рушевини од македонските демократски институции. Колку време ќе ни треба да се рехабилитираме. Што ќе остане по рушевините на образовниот систем, на судскиот систем, на политичката култура и морал, е тоа ќе бидат прашања кои не можат да се променат преку ноќ.

На новата Македонска влада ќе и биде тешко. Ќе и биде многу тешко. Потребна е голема и макотрпна работа.
Но промените не може да ги направи една влада, една партија или еден човек. Потребна е поддршка од целокупното граѓанство и општеството. Од сите политички претставници и партии кои и мислат добро на оваа земја, мора да се впрегнат и да работат за доброто на сите, за да станеме нормална европска држава. Во овој момент потребна е Коалиција за Европска Македонија, а треба да прогласиме и мораториум по националните прашања и ќе се бориме сите заедно за влез во НАТО и ЕУ. Само така здружени во една Коалиција ќе се преброиме колку сме. Бидете уверени дека ќе видите за кратко време каква доминантна бројка е оваа наспрам оние други ретроградни сили. Ќе биде тешко но ние немаме друг избор и мора да ја поразиме досегашната политика.

Многу работи треба да им објаснуваме на граѓаните кои беа овие години утепани од една медиумска пропаганда. Ама ќе го правиме тоа. Друг избор немаме. И тоа ќе биде исто така задача на новата македонска влада.
Ќе му биде многу тешко и на Зоран Заев како предводник на македонската влада. Тој ќе биде на нишан од многу структури во општеството.

Ќе биде на нишан од поранешните лажни патриоти кои ќе гледаат во него причина за својот неуспех и губење на комотните позиции во државната власт и привилегиите кои ги имале. Таму во тие структури, во ВМРО-ДПМНЕ не гледам дека сега постои некоја намера нешто да се промени. Тие ,,патриотски сили,, ќе продолжат да го лажат членството дека новата власт е предавничка, дека ќе трае само неколку месеци и дека во секој момент тие ќе се вратат на власт. Тоа ќе биде мантрата со која ќе се замајува членството на ВМРО-ДПМНЕ во наредните месеци. Многу пари земени од граѓаните на оваа наша Македонија овие патриоти потрошија на пропаганда и закани. Ова никогаш да не се повтори.

Зоран Заев ќе биде на нишан и од оние патриотски медиуми и умоболни новинарски пера кои нема да му простат, а ќе стануваат се помалубројни. Да оние истите кои не бранеа од Сорос и го чекаа Трамп да ги спаси, ете токму тие, поради кои се потрошија големи суми на пари за лобирање и глупирање во Вашингтон каде што очигледно некои конгресмени имале голема корист од нашиве патриоти. Но и во таа битка останаа смешни и поразени. Но секако ќе биде изложен и на силна медиумска критика затоа што ќе се очекува многу од него. Бидете уверени дека медиумите ослободени од притисокот кој им го правеше претходната власт ќе удрат со сета жестина сега по новата демократска власт да бараат влакно во јајцето, секако не оние камелеонски медиуми кои завртеа во кривина преку ноќ, ама ако,тоа е здраво за демократијата и тоа мора да биде така.

Новата влада за да ја пресретне оваа ,, патриотска политика,, за која тврдам дека ќе биде со иста реторика како во Србија по 5 октомври, односно реторика со која патриотите ќе ја бараат главата на предавниците, мора да влезе одлучно и храбро во што не се сомневам. Не смее да ги прави истите грешки како тогашната демократска влада на Зоран Џинџиќ. Треба одлучно уште во првите денови и месеци да почне со демонтирање на структурите во МВР и другите безбедносни сектори затоа што од таму доаѓа сериозна опасност за многу проблеми што може да настанат во иднина ако тие структури и поединци не се професионализираат и не се стават во ред, затоа што тие се дресирани и плаќани десет години да и служат само на една партија. Треба новата влада уште во почетокот на првите седници да предложи до Собранието разрешување на Јавниот обвинител на Република Македонија. Неговото разрешување ќе биде сериозен удар врз мафијата во македонското правосудство. Ние мора како држава еднаш да расчистиме со Зврлевци, со Вангеловци, Караџовци, Маневци и останата булумента која го урна правосудниот систем на колена, и тоа мора да се направи. Исто така ќе мора да се побара и одговорност за Републичкиот судски совет и промени во истиот. Многу судии кои работеа и сеуште работат несовесно, во корист на мафијата може да бидат разрешени и за тоа не треба големи проекти ниту реизбор ниту двотретинско мнозинство во Собранието. Треба одговорност за сето досегашно незаконско работење, она што го слушнавме во проектот ,,Вистината за Македонија, и тоа може да се направи за кратко време. Треба преку истиот орган, односно РСС, да се побара и разрешување на претседателот на Врховниот суд на Република Македонија поради злоупотреба на службена положба во врска со онаа правна лакрдија што ја направија за притворот на Сеад Кочан, што не постои никаде во светот.

Сакам овде нешто да го прашам истиот. Абе Јово мајсторе, ај кажи ми каде во светот ненадлежен орган, кој ниту е страна во спор, може да бара било што преку вонреден правен лек во врска со истиот тој спор, ај кажи ми Јово кое обвинителство во светот може да бара укинување на притвор за некој што е во бегство и кажи ми каде во светот се толкува на таков начин одредба од кривичната материја како што ти го толкуваш креативно и манипулативно член 442 од ЗКП. Точно е дека постои недореченост и празнина во член 169,(став 3), но во основа членот 169 е сосема јасен. Но секаде во светот и во секој правен систем, во областа на кривичната материја, жалбата не го одлага притворот, тоа е правило и не може да биде поинаку, и ти добро знаеш дека е тоа така. Би настанал правен хаос доколку би било поинаку.

Затоа Јово не се глупирај јавно, не си ја гази професијата поради оние што те пратиле таму да им завршиш работа, не вреди, ќе видиш. Оди си дома зошто и твоите ќе ти се смеат.
Да тешко ќе биде, но мора да се почне. Многу клиенти нема да му простат на Зоран Заев за своите загубени позиции и треба да биде претпазлив околу тоа. Но и многу клиенти ќе се срамат, оние што имаат образ, а другите што немаат ќе ги видите како се врткаат околу новата Влада како кутриња пред месарница и ќе го плукаат се погласно Никола Груевски. Ќе се срамат и оние универзитетски професори, особено оние поединци од Правниот факултет кои години наназад се избрукаа за сите пари. Еден почитуван професор деновиве вели дека се помалку џавкаат во јавноста. Така ќе биде некако сликата во Македонија по Груевски.

И на крајот Хорхе сепак го даде мандатот. Е мој Хорхе, што ти требаше сето ова да и го правиш на Република Македонија. Поради тебе изгубивме три месеци и ја загрози сериозно безбедноста на оваа земја со настаните од 27 април. Каде е твојата одговорност како претседател?

Сакам да му упатам честитки за добиениот мандат на Зоран Заев и да му посакам час поскоро да ја формира новата Влада на Република Македонија.

М-р Глигор Стоименов