Невладините бараат да се воведе задолжително сексуално образование

Родовите разлики и сексуалното однесување кај младите во Македонија (За сексуалноста и сексуалното здравје низ родовата припадност, улоги, однесувања и детските права)

Денес, во Холидеј Ин, Коалицијата СЕКСУАЛНИ И ЗДРАВСТВЕНИ ПРАВА НА МАРГИНАЛИЗИРАНИТЕ ЗАЕДНИЦИ го промовираше истражувањето “Колку се еднакви и безбедни младите во Mакедонија во нивниот сексуален развој и сексуални искуства? – Податоци од HBSCM истражувањето со млади на 15 години“.

seksualnoobrazovanie

Резултатите од истражувањето ги претстави Лина Ќостарова Унковска, главна истражувачка, а збор на конференцијата зеде и Ирена Цветковиќ, извршна директорка на Коалицијата СЗПМЗ.

Публикацијата се потпира на истражувачки резултати за сексуалните однесувања, интереси и заштита кај младите (15 год.) од Македонија, добиени со нивно директно учество во меѓународната лонгитудинална (HBSC) студија. HBSC Студијата e меѓународно истражување за однесувањата поврзани со здравјето кај децата на училишна возраст (11 г., 13 г., и15 г.), кое се спроведува секоја четврта година, во 44 земји од Европа и Северна Америка.

Дел од клучните наоди презентирани од Лина Ќостарова Унковска укажуваат дека младите од Македонија не се безбедни и доволно подготвени за првите сексуални искуства и интимни релации. Нивната грижа за себе и за сопственото (сексуално) здравје е спорадична, ненавремена и со високи меѓуродови разлики, за сметка на девојчињата. Меѓуродовата диспропорција од 12:1 во пријавените сексуални искуства на момчињата и девојчињата, односно од 9:1 во употребата на кондом при првиот сексуален однос во групата на етнички Албанци/ки, е силна евиденција за родовата нееднаквост во однесувањата поврзани со сексуалното здравје кај младите во Македонија.

Особено се загрижувачки, како што посочи Ќостарова, податоците за родовата нееднаквост во сексуалното здравје и добросостојба. Имено,  15-годишните млади со рани сексуални искуства се со повисок ризик за нивното сексуално, ментално и психосоцијално здравје, од младите без сексуални искуства, при што и девојчињата и момчињата страдаат подеднакво, на родово „својствен“ начин. Додека сексуално искусните момчиња се понасилни од девојчињата, тие се и почести жртви на малтретирање и на сексуално вознемирување и напади. За разлика од нив, девојчињата своите први сексуални доживувања најчесто ги манифестираат низ чувствата на неадекватност и повлекување, со реакции многу почесто свртени кон себе (нервози, депресивни расположенија, самоповредувања, и идеи за самоубиство).

 Меѓуродовите разлики укажуваат и на нееднаквости во поддршката што момчињата и девојчињата со рани сексуални искуства, во Македонија, ја добиваат од своите семејства и од врсниците. За разлика од момчињата, девојчињата се повеќе изолирани и препуштени самите на себе.

Истражувањето покажа и серија загрижувачки податоци за здравјето и искуствата на младите со хомо/бисексуална ориентација. Младите со изразена хомо и бисексуална привлечност (вљубеност) (според HBSCM наодите) се многу почести жртви на малтретирање во училиште, но и жртви на психичко и физичко насилство во домот, во споредба со нивните хетеросексуални врсници. Тие се речиси петпати почести жртви на сексуално вознемирување и полов напад , за што е многу веројатно дека најчесто немаат кому да се обратат. Голем дел од нив имаат намалена поддршка и разбирање од своето семејство и од родителите, а уште помала од врсниците.

На голем број индикатори на менталното и емоционалното здравје, младите со хомо  бисексуални склоности (вљубеност) се изложени на два и повеќе пати зголемени ризици, во споредба со хетеросексуалните врсници. Депресивните чувства на тага и безнадежност, со сериозни самоубиствени идеи, се меѓу највисоките ризици по живот, со кои се соочува оваа „невидлива“ група млади.

Како што посочи и Ќостарова, концентрацијата на ризици, психички нарушувања, ниската поддршка и депресивните и самодеструктивни идеи кај ЛГБТ младите во Македонија се доволно значајна евиденција, за таа да се игнорира, или да се препушти на исцелително-корективните и моралистички политики и решенија.

Земајќи ги предвид резултатите од истражувањето, беше посочено дека неопходни се интервенции во примитивната, ниско- образовна култура на заедницата. Промените би можеле да започнат со воведување на инклузивни, родово чувствителни образовни програми и практики во училиштата, со цел редефинирање на ставовите и начините на постапување, со зголемување на слободите на изразување и почитување на разликите. Односно, дека само со промени во образованиот систем заснован на истражувачка евиденција и добри практики, можеме да дојдеме до промени и вистински решенија.

Деталните резултати и податоци од истражувањето може да ги најдете овде.