Општина Центар ќе ја продолжи грижата за стари лица

Градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, ги посети лицата вклучени во рамките на проектот „Центар се грижи за возрасните“, при што им вети дополнителна помош во апарати за мерење крвен притисок и шеќер.

Проектот ќе се реализира до крајот на годинава, но како што посочи Жерновски, ќе продолжи и до година, а ќе се обезбедат повеќе средства и подобрени услуги. Од следната година овие лица ќе ги посетува и лекар, а од денеска на барање на корисниците, редовно ќе доаѓа и физиотерапевт.

За 88 возрасни лица, жители на Центар, се грижат 15 професионални негуватели, кои ги поседуваат потребните сертификати. Активностите ги координира социјален работник, кој подготвува досие за секој корисник, детална анамнеза и план за работа. Ним секојдневно им се пружа помош во извршување на секојдневните активности (пазарење, подготовка на храна, одржување на просторот, лична хигиена, кај изнемоштените стари лица ќе се врши и утринска и делумна тоалета) и им се помага во мобилноста со лесни масажи, физички вежби и раздвижување.

Исто така, им се помага околу здравствените прегледи, набавка на лекови и водење грижа за навремно земање на терапијата, им се дава психо-социјална поддршка, помош во исполнување на социјални, културни, забавни и други потреби, одржување на социјални контакти и соодветни активности во локалната заедница.

Општина Центар е прва општина која спроведува ваков проект.