Перо Антиќ со признание за заслужен граѓанин од Општина Центар

Општина Центар соопшти дека ќе доделува награди за физички и правни лица од Општината како признание за особени постигнувања во стопанството, науката, уметноста, културата, спортот, воспитувањето и образованието и други области. На овој начин општината сака да ги награди оние кои придонеле за развојот и афирмацијата на Центар и Република Македонија во светот.

Градоначалникот Андреј Жерновски до Советот на Општината достави предлог одлука првата  плакета за Заслужен граѓанин на Општина Центар да му биде доделелна на кошаркарската легенда Перо Антиќ.

Кошаркарот Перо Антиќ, жител на Општина Центар, е првиот македонски спортист  со освоени три евролигашки титули, нешто кое не им успеало на  голем број славни имиња од европската кошарка.

Роден на 29 јули 1982 година во Скопје. Почетоците со кошарката му  биле токму во центарското Основно општински училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“.

Поранешниот капитен на македонската кошаркарска репрезентација својата кариера ја започнал во Кошарскиот клуб  „Работнички’’ Скопје, за кого настапувал  од 1999 до 2001 година. После тоа четири години поминал во АЕК Атина, каде во сезоната 2004/2005 го постигнал најдобриот резултат во Евролигата.Со овој клуб бил шампион во 2002 година.

Во 2005 година почнал да игра за Црвена зведа, каде одиграл две сезони и го освоил националниот куп 2006 година.

Подоцна настапувал во дресот на бугарскиот “Лукоил академика” во сезоната  2007/2008 и е прогласен за МВП на бугарската лига и бил најзаслужен за освојување на истата. Потоа се вратил во Русија и играл за екипата на Спартак од Санкт Петербург со која стигнал до титулата во купот на Русија.

Летото 2011 година поминал во грчки Олимпијакос, каде во две сезони освоил две Евролиги 2012 и 2013 и титула  првак на Грција.

Во летото 2013 потпишал договор со Атланта, со што станува првиот и единствен кој настапувал  во најсилната кошаркарска лига – НБА.

За репрезентација на Македонија настапувал на Европското првенство одржано  2011 година во Литванија, со која го освојува високото четвртто место, остварувајќи го најдобриот резултат во историјата на македонската репрезентативна кошарка.

Исто така во неколку наврати е прогласен за спортист на годината.

Спортската критика секогаш ги истакнувала неговите високо професионални,  прецизни спортски техники и постигнувања, потенцирајќи го како вистински пример за врвен спортист, стои во соопштението од општина Центар.