Попоски: Изјавата на Бушати е одраз на неговото воспитување и култура

Не е добро политичари од регионот да влечат чекори за потребите на претстојни избори, изјави министерот за надворешни работи, Никола Попоски, во врска со изјавата на министерот за надворешни работи на Албанија, Дитмир Бушати. Бушати коментирајќи ги внатрешните случувања во Македонија, ги нарече Македонците „славомакедонци“.

„Целта е да создадат слика дека раководат со сите политички партии со етнички предзнак во регионот. Разбирливо е дека тоа се прави и за внатрешна употреба и за сопствениот рејтинг дома. Сепак, овие практики се надвор од нормална меѓусоседска соработка. Најдобро е пред секој обид за демонстрирање глобално лидерство, секој добро да погледне во сопствениот двор. Така, политичарите и во тие земји ќе се фокусираат на подобрување на домашните слабости“, рече Попоски.

Во однос на употребата на терминот „славомакедонци“, Попоски вели дека тоа е одраз на воспитувањето на Бушати.

„Кој како именува некого е, веројатно, и одраз на почит и на воспитување. Ние сме Македонци и ништо повеќе, ниту ништо помалку. Ниту еден демократ не би имал потреба групно или племенски да етикетира. Денес, во Европа е потребен речник и култура за 2017 година, а не за 1913 година“, изјави Попоски.

Тој потсети дека проблемите со правниот систем, борбата со криминалот и со корупцијата, основните човекови права и слободи се дел од оние што се идентификувани од Европската комисија кај нашиот сосед, а и на други места.

„ Објективно, сите ние имаме повеќе од доволно домашни проблеми за да се занимаваме со туѓите. Секако, претходниве точки треба да се приоритет пред еден политичар да се впушти и во идејни толкувања на Уставот на соседна земја. Не верувам дека ова е приоритет за даночните обврзници во неговата земја, особено при толку нерешени прашања дома“, рече Попоски.