Села: Дебата во институциите, а не по улици и ровови!

Дел од интервју со Зијадин Села на Цивил

sela-slika

ЦИВИЛ Медиа: Кое е вашето мислење за постизборната ситуација во земјава и кои се предлоѕите на ДР ДПА за излез од кризата?

Села:  За жал, постизборната состојба не ја разреши кризата, напротив, јас велам дека ја продлабочи уште повеќе. И, нормално е дека ние очекувавме едно вакво однесување, дотолку повеќе што постои одреден број на политичари, кои дејствуваат со инстинкт на самоодбрана, за одбрана на сè што направиле во овие десет години. Многу е јасно дека оваа напната ситуација и се додава уште повеќе тензија, а единствените луѓе кои имаат интерес за создавање на хаос се токму тие, што сакаат да ја избегнат одговорноста од Специјалното обвинителство. Сметам дека секој треба да одговара, или дека треба да има право да ја докаже својата невиност пред органите на правдата, затоа што Македонија, но и регионот, ќе треба да се вратат на патот на правната држава, затоа што тоа е правата форма, во која граѓаните потоа ќе се видат како слободни.

Кој е излезот од кризата…? Нема друг начин, освен по институционален пат. На крајот на краиштата, постојат пишани правила во државата и се многу јасни, и позицијата на претседателот на државата, што му е дозволено и што не му е дозволено…Јас сум поборник на идејата дека не треба многу да се гали истиот, како и сите останати политички актери кои се закануваат со политичка криза. Не треба воопшто да се вознемируваме за ова прашање, треба да го следиме институционалниот пат. Институционалниот начин е многу јасен, Владата и сè останато, се прави со 61 пратеник, минимум 61 пратеници, додека претседателот мора да му го даде мандатот на тој што го има тоа мнозинство, според Уставот и според надлежноста , и не му се дозволува да навлегува во измислени теми, некаде по партиски канцеларии, за некакво уништување на унитарниот карактер, итн. итн., нешто што нема врска со реалноста и со територијалниот интегритет на државата, затоа што единствениот интегритет што овој пат ќе се уништи, откога ќе се создаде едно ново мнозинство и ќе се врати дебатата во институциите, таму каде што и е местото, е интегритетот на корумпираните политичари.

ЦИВИЛ Медиа: Деновиве во јавноста се вртат неколку ваши изјави. Би сакала да ми кажете од кој период се изјавите, вие сигурно знаете за кои изјави станува збор и, што сте сакале да кажете со овие изјави?

Села: Па сега се вртат многу мои изјави, не е само една. И тоа е збирка од извадени контексти, зависно од контекстот во кој биле моите изјави. И, не можам сега да се враќам за да ги оправдувам сите тие изјави што се вртат во јавноста, коишто имаат за цел да ги поттикнат масите, за да се случи ова што се случува. Се сеќавам, беше точно во ноември, на првиот ден на изборната кампања, беше еден мој одговор на една телевизиска дебата со господинот Ангелов, тоа беше мој одговор на историски факти, затоа што тој навлезе во историја, кажа дека Албанците се дојденци во оваа држава и дека сме под 20%. И, јас зборував за неколку историски факти. Сега, тоа го вадат од контекст и го сервираат така како што сакаат да го сервираат.

Има многу изјави. Гледам извадиле и нешто друго, дека ќе рушам…градеа некаква порта во Општина Вевчани, а дека наводно јас ќе ја срушам таа порта. На пример, оваа изјава е дадена, ми се чини некаде 2014 година, кога Општина Вевчани на влезот од Велешта ги смени таблите, ги тргнаа само затоа што на нив беше напишано и на албански јазик, на регионален пат, значи пишуваше на два јазика и Вевчани и Велешта. Се пожалија и ти тргнаа патоказите, а во меѓувреме микрофоните беа исправени пред мене, како градоначалник на општина. Тогаш кажав дека тоа не е на територијата на Општина Струга, поднесов барање до Министерството за локална самоуправа, и изјавив дека доколку тој дел е на територијата на Општина Струга, тогаш ќе се вратат и двојазичните табли, но и дека ако е изграден некој објект без дозвола од Општина Струга, истиот ќе се сруши. И, сега овие изјави се злоупотребуваат во разни форми.

Која е мојата позиција за овие работи…? Сè што кажувам, во истото верувам и го мислам. Не се работи за тоа дека јас сега ретерирам од тие работи. Постојат многу отворени прашања тука во Македонија, за кои сè уште не сме седнале заедно да ги решиме. Јас сум поборник на таа идеја, не сум кукавица што се крие зад мултиетничка Македонија, а од друга страна сè што правам, е за еднонационална Македонија. Тие што денес толку многу ја употребуваат и им е при срце мултиетничката држава, утре ќе ја заборават и сигурно ни малку нема да ги интересираат другите етнички заедници, ќе ги интересираат само политичките актери, експоненти кои доаѓаат од тие етнички заедници, и сè што ги врзува еден со друг е криминалот и корупцијата, семејните интереси, а никако интересот на етничките заедници што живеат во Македонија.

Нашата заедничка декларација, декларацијата на албанските политички субјекти, и концептите кои ние како Движење за реформи, и јас како претседател на движењето, се дека јас немам право да негирам нечии чувства. Јас верувам во правото на сечие самоопределување за својот идентитет. Народите не се раѓаат од Бога, се раѓаат како последица на политички околности. И, сега, создаден е еден народ со идентитет, кој за себе вели дека сме Македонци, имаат свој јазик, и јас немам никаков проблем со тоа. Од друга страна пак, драго ми е за една работа, фактот што мене ме обвинуваат луѓе, кои нивната кариера ја градат врз повици за гасни комори за еден цел народ, со задоволство ќе кажам дека јас не сум како нив. И тоа е добро.

Зијадин Села: Јас не знам каква е целта на Движењето Беса… Декларацијата не е потпишана, декларацијата е цитирана, или е прочитана…

ЦИВИЛ Медиа: За што се договориле партиите потписнички на Изјавата, албанските партии потписнички на декларацијата? За што поточно се договоривте?

Села: Декларацијата е јавна и нема ништо тајно во неа. Партиите – потписнички на Изјавата, пред сè, се договорија за взаемна поддршка во врска со овие теми, за овие избори и за следните избори. Правото на употреба на јазикот е право стекнато со Охридскиот договор и не е некоја новост. Од друга страна, политичките актери, кои си земале за право да влезат и да направат предмет на преговори нешто што е договорено одамна, нормално дека ќе треба да се соочат со одговорност пред граѓаните. Јас ви велам дека актуелниот закон за употреба на албанскиот јазик, на пример, е неуставен. Зошто? Охридскиот договор никаде не го одделува јазикот што го говорат повеќе од 20% од населението, од пишувањето на истиот. Секаде во уставот, во 5-от амандман од Уставот, што го заменува членот 7 од Уставот, се вели дека јазикот што го зборуваат над 20% од населението и јазикот кој е различен од македонскиот, како и неговото писмо, е исто така официјален, како што е предвидено со овој член. И, сега, не можеш да донесеш закон за, на пример, ќе го земам како пример законот од 2008 година, во кој што е дозволено албанскиот пратеник да зборува на албански јазик во парламентот, а од друга страна да не му дозволи да пишува на албански јазик, како и табелите во институциите и сите останати материјали да бидат на албански јазик. Така што, противуставно е да се оддели говорењето и пишувањето. И велам дека оваа декларација само ги поставува точките врз буквите „ј“,  за целосно да се имплементира тоа што е потпишано пред 15 или 16 години.

Заедничката декларација, од друга страна, има задача да го прекине експлоатирањето што се прави со години врз половина народ. Велам дека подеднакво експлоатирани се чувствуваат и граѓаните од другите етнички заедници. На крајот на краиштата, во изјавата пишува и за почитувањето на законот за рамноправен регионален развој, законот што го изгласаа и ВМРО и ДУИ во 2009, во кој се предвидува 1% од БДП  да се дели на регионите за еднаков развој. И, овој закон не го изгласал ниту Еди Рама, ниту Тирана, како што некој се обидува да ја окарактеризира  заедничката декларација, туку е закон изгласан тука, со гласовите и на Никола Груевски, и на неговите пратеници, и тука нема ништо спорно. Комисијата е таа што ќе се погрижи за еднаква и пропорционална поделба на буџетот.

Тука нема повреда на територијалниот интегритет на ниедна држава или индивидуална автономија,  тоа е за да го види граѓанинот својот данок во форма на инвестиција, во земјата во која живее, во својот дом, во својата населба, во својот град. А не како до сега, кога ние имаме проблем со училиштата, што се однесува до минималните услови за образовен процес, како што е греењето, електричната енергија и клупите кои не се сменети повеќе од триесет години, а од друга страна имаме проект во центарот на главниот град, Скопје 2014, кој приближно нараснува кон милијарда, преку инвестициите направени за него.

Значи, оваа декларација, првенствено, да нема заблуди, се однесува на односите што албанските политички субјекти треба да ги градат меѓусебно, и да не бидат поделени како што биле во овие 25 години. Јас така ја разбирам, и нема никаква врска со македонските политички субјекти. Ако ние седнеме и разговараме со нив, секој посебно, за јазикот, за други теми, мислам дека не треба да се прави компромис за овие работи, затоа што ние правевме компромиси долго време, во врска со јазикот.

На крајот на краиштата, честопати се соочуваме се прашања од типот дека биле многу радикални нашите барања. Не, не е радикално да бараш да се реализираш себеси, таму каде што плаќаме даноци, како сите други. Оти, за даноците не се делиме. Многу е порадикално да протестираш за да не му овозможиш на другиот да си го реализира своето право.

Значи, декларацијата се однесува на односите што треба да ги градиме едни со други како политички субјекти, да не бидеме меѓусебна конкуренција, во натпревар за тоа кој попрв ќе биде дел од владата, затоа што во оваа форма му конкурираме на интересот на гласачите што не гласаа. Од сега па натаму, мислам дека ова не треба да се случува.

интервјуто со Зијадин Села во целост прочитајте го тука