Јошевска-Анастасовска: За крвавиот четврток треба да одговара и водачот на толпата

За крвавиот четврток во Собранието кривична одговорност не треба да понесат само насилниците кои ги тепаа пратениците, новинарите и полицајците, туки и водачот на толпата, децидна е адвокатката Сузана Јошевска- Анастасовска.

Таа за „Фокус“ појаснува дека водачот на толпата дури и не мора да повика на конкретното насилство, што подоцна ќе го стори толпата, за да одговара.

-Тоа што тој ја канализира енергијата на група луѓе со деструктивен набој е доволно за неговата одговорност. Всушност, тоа е слично како објективната одговорност- одговара не за тоа што конкретно го сторил (во смисла на конкретно дејствие), туку затоа што лекомислено повел огромна количина на луѓе и придонел да се создадат услови за сторување на кривичното дело. Со други зборови, треба да се сноси одговорност бидејќи без водачот на толпата е извесно дека истата не би го сторила кривичното дело или тој придонел со своето однесување да се создаде толкава негативна енергија која накрај резултирала со кривично дело, заклучува Јошевска- Анастасовска.