Секси рапсодија на втората вечер од Моден викенд Скопје

Втората вечер од есенскиот Моден викенд Скопје ја одбележаа пет модни ревии. На првата ревија се претставија студентите од „Институтот за дизајн и инжењеринг на текстил“ на Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ во Скопје, кои се под менторство на дизајнерката Лидија Георгиева.

„Оваа 2017 година за студентите е одбележана како година во која континуирано се работи на темата ‘Метаморфоза’. Тие ги презентираа своите дизајни во три фази, од кои првата беше изложба на скопскиот моден викенд во април. Водени од оваа тема тие развиваа идеи инспирирани од процесот на трансформација и освен со облека, дизајнираа и накит. Втората фаза беше одбележана со традиционалната модна ревија на ТМФ во јуни, а третата фаза е оваа ревија со која се заокружи целиот метаморфозичен процес,“ вели Георгиева.

Најновата колекција на Marsin ја потпишува Марија Трајанова. Таа го носи името Inside out.

„Главната инспирација доаѓа од најинтимните мисли на жената која секогаш сака да изгледа како модна икона во својата идеја за самата себе. Убавата долна облека ѝ дава дополнителна самодоверба, а јас токму таа самодоверба сакав да ја преточам во колекција и да ја извадам на виделина,“ вели Трајанова.

Младата дизајнерка Сара Реџиќ ја претстави колекцијата Bohemian rhapsody. Таа вели дека модерната жена и
разновидноста на стилови во нашето опкружување ги преточила во модни парчиња, кои можат да се носат на разни пригоди.

За прв пат на Моден викенд Скопје се претставија Minna Fashion, со колекцијата Love the spark. Колекцијата е инспирирана од „романскиот стил“ и содржи 20 уникатни фустани.

Крајот на вториот ден од Моден викенд Скопје беше резервиран за Drama Studio и колекцијата Concept 2020.

„Модните парчиња се лимитирана едиција, поттикнати од секојдневното живеење. Сакав да покажам колку сме ние Андроиди заглавени во електронскиот свет. Станува збор за несекојдневна модна колекција за сегашноста и иднината, творевина за #Concept2020,“ вели дизајнерката Ивана Кнез.

Scroll to Top