Велешанка изработи чевли и чанти од свежо цвеќе

Модната креаторка Јагода Пачемска од Велес е една од ретките кај нас што изработуваат фустани, чевли и чанти од свежо цвеќе. Таа вчера ја промовира својата најнова колекција чевли и чанти изработени од свежо зеленило, кора од внатрешен дел на дрвото, во комбинација со свежо и вештачко цвеќе.

„За изработка на чантите и чевлите од цвеќе и свежи листови ми беа потребни 6-7 часа. Во текот на изработката важно ми е сето тоа да биде многу добро изработено, да не се забележува ниту еден недостаток за да го добијам посакуваниот резултат. Овие чевли ми се нарачани од брендот Паоло Бочели, па ги изработив за нив“, вели Јагода Пачемска во разговорот за „Репортер“.

Но, она што особено воодушевува во нејзината изработка се фустаните изработени од свежо цвеќе, со кои се претстави на 11. пролетен Моден викенд – Скопје. Таа на модната ревија претстави фустани изработени од 1.000 рози.

Со цветови што ги набавува од Холандија, но и од тука, фустаните од свежо цвеќе беа вистинското освежување на Модниот викенд.

„Хризантеми, орхидеи, анториуми, евстома, се цветовите што најчесто ги користам. Економски ова не е исплатливо, ама духовно ме исполнува. Сепак, се работи за модели изработени од свежо цвеќе, кое се вметнува на основата на фустанот, а свежото цвеќе не може многу долго да издржи“, раскажува Јагода.

 

Scroll to Top