Балканските ѕвезди се сетија на Тоше: Пријателу, не прифаќам дека те нема

Поп-ѕвездата Тоше Проески на 16 октомври пред десет години загина во сообраќајна несреќа на автопатот кај Нова Градишка, Хрватска. Сообраќајната несреќа се случи утрото во 6 часот, кога Тоше патуваше за Загреб за да гостува во популарната емисија „Зухра шоу“, која се прикажуваше на една од хрватските телевизии. Тоше тогаш веќе ја градеше кариерата во Хрватска и ѝ беше омилен на публиката.

Тоше Проески на островот Хвар, Хрватска

На десетгодишнината од неговата смрт балканските ѕвезди се потсетија на својот покоен колега.

„Покојниот Тоше Проески, за жал, беше последниот човек од поп-музиката кој имаше неколку добри албуми. Судбината го спречи да ја достигне висината која е предизвик за сите музичари. По него, никој не може да го достигне тоа“, изјави Здравко Чолиќ.

 

Мирослав Рус, авторот на песната „Игри без граници“, изјавил дека сеќавањето на него никогаш нема да избледи: „Тоше не беше само добар пејач туку и човек и хуманитарец. Ги чувам сите заеднички моменти бидејќи тоа не е само сеќавање на него туку и порака за меѓучовечки односи и разбирање“.

И Гоца Тржан со емотивна порака во пресрет на десетгодишнината.

„Ќе го паметам по насмевката, беше позитивен и исклучително талентиран. Не беше скромен. Се нервирам кога некој ќе каже дека бил скромен бидејќи немаше причина да биде“, изјави Гоца Тржан.

Со Гоца Тржан

Тони Цетински пред неколку денови објави емотивен статус за својот пријател. Вели вака: „Поминаа десет години откако те нема и сè уште недостигаш. Остана голема празнина по тебе и никој сè уште ја нема пополнето. Затоа пријателу, не прифаќам дека те нема бидејќи така ми е полесно. Знај дека си секогаш покрај мене и заслужен за секое добро дело, драг мој Тоше. За глупостите и грешките виновен сум само јас. Знам дека си тука некаде и фала ти за сè. И затоа ќе засадам две ружи, нека растат, нека се дружат. Едната ќе го носи моето, а другата твоето име. Во знак на нашето пријателство, нека цветаат со години“.

Ќе засадам две ружи, нека растат, нека се дружат. Едната ќе го носи моето, а другата твоето име, вели Тони Цетински

Проески кариерата ја почна во 1997 година. Со „Твоите бакнежи на моите бели кошули“ на Скопскиот фестивал во 1999 година ѝ стана миленик на публиката. Беше дел од продуцентската куќа „Аволон“ до 2002 година. Во 2004 година стана амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ. Соработуваше со влијателни балкански и светски музичари и композитори, а постојано во чекор го следеше неговата менаџерка Лилјана Петровиќ.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Scroll to Top