Ме бива и за шоу

Тијана Дапчевиќ деновиве прифати нов предизвик, да води ток-шоу на новата веб-телевизија 1ТВ.

„Предизвик ми е да го оправдам епитетот ‘шоу-вуман’, ама и „Златната бубамара“ за најдобар мултимедијален уметник во регионот. Ќе направам сè да не се изневерам себеси“, рече Тијана за „Репортер“.

Таа раскажа дека се работи за нов вид веб-телевизија која наскоро ќе се емитува и преку кабелските оператори. Вели, станува збор за „street TV“.

„Ќе има информативни и забавни содржини. Ќе се емитуваат куси прилози од по 40 секунди или минута. А ќе има и ток-шоу што ќе го водам јас. Во прво време ќе биде во пократка форма, а гости ќе бидат најголемите ѕвезди од јавниот живот, не само од шоу-бизнисот. Ќе ги претставиме од поинаков агол, ќе има поинаков пристап“, вели таа.

Вели, идејата за постоење објективен медиум била пресудна да се согласи да работи во 1ТВ.

„На Македонија ѝ е потребен таков медиум, објективен, а со богата содржина за шоу-бизнис, музички вести, информатива. Нов здрав медиум. Обврските налагаат да сум во Скопје додека трае снимањето на емисиите, па ќе функционирам на релација Скопје – Белград“, ни раскажа Тијана.

(А.Ј)

Scroll to Top