Двајца Македонци на маратонот во Њујорк

Викендов во Њујорк се одржа 47. маратон, еден од најмасовните и најпознати маратони во светот (покрај Чикаго, Бостон, Лондон, Берлин и Токио). Овој пат на маратонот трчаа двајца Македонци, Грегор Пановски и Бојан Тодевски, а Мариа Дибјаџо ја трчаше трката на 5 километри.

„Трета година по ред работам како волонтер на маратонот, на делењето бројчиња на учесниците. Трката на 5 километри, која ја трчаат 10.500 луѓе, ја трчам втора година по ред“, рече Мариа за „Репортер“.

Со позитивно искуство од маратонот во Њујорк е и Грегор.

„Трката беше одлична, прекрасна атмосфера, милионска публика за вистинско доживување на маронот. Ова ми беше прв настап во Њујорк, а седми маратон до сега. Како патека, Њујорк е најтежок од маратоните што сум ги трчал, а тоа се Берлин, Чикаго, два пати Ротердам, Париз и Амстердам. Се подготвував 16 недели, но времето од 4:03:34 за мене е скромен резултат. На вљубениците во трчањето би им препорачал да дојдат и да го истрчаат њујоршкиот, ама не како прв маратон, туку претходно убаво да се подготват“, ни рече Грегор.

Грегор Пановски и Мариа Дибјаџо

Бојан Тодевски остварил подобро време на маратонот од Грегор, а трката ја завршил за 3 часа, 57 минути и 20 секунди.

Бојан Тодевски

На њујоршкиот маратон годинава се пријавиле 98,247 маратонци, а само 51.000 од нив, кои беа извлечени по пат на лотарија, настапија на маратонот.

Андријана Јовановска

Scroll to Top