„Фанк шуи“, нов ексклузивец на „Авалон продукција“

На прес-конференцијата што се одржа денеска „Авалон продукција“ ја најави соработката со бендот „Фанк шуи“, кој е нивен нов ексклузивец. Овој скопски бенд е создаден пред седум години и во него членуваат Лука Ѓоргиевски (вокал и гитара), Давид Николовски (тапани) и Михаил Намичев (бас-гитара). Тројцата музичари создаваат авторска музика и досега имаат издадено два албума: „Етер“ во 2012 година и R.E.M во 2015 година, а во периодот помеѓу двата албума го издаваат синглот со наслов „Огледала“.

Во изминатите години „Фанк шуи“ настапувал на многубројни музички фестивали во Македонија, а во моментот работи на сингл што ќе се најде на новиот студиски албум, кој треба да излезе во 2018 година, во издание на „Авалон продукција“.

„Оваа соработка е во рамките на јубилејот 25 години од постоењето на ‘Авалон продукција’ како најголем музички бренд во Македонија и на Балканот со цел да им дадеме и поддршка на македонските музички артисти. Во периодот што следува ‘Авалон продукција’ ќе биде извршен продуцент, односно издавач, промотор и букинг-агент на бендот“, велат од „Авалон“.

Scroll to Top