Инспекција во МРТ, нема 36.000 илјади евра за Ристо Бомбата

Македонската радио-телевизија вчера ја објави листата на субвенционирани песни според која Ристо Бомбата ќе земе 36.000 евра, а по 9.000 евра ќе земат Дарио, Али Бајрам и Принц. По ова, веднаш реагира Министерството за култура. Од таму поодамна најавија дека ќе се укинува Законот за поддршка на домашната музичка продукција, а денеска испратија инспекција во МРТ. Нивната проверка покажала дека се пробиени роковите за носење на одлуките за субвенционирање на песните и дека во согласност со тоа овие одлуки треба да бидат поништени.

Министерството за култура го предупредило раководството на МРТ дека се соочува со кривична одговорност поради незаконските одлуки. Тие велат дека со ова му се прави штета на буџетот на земјата. Исто така, го предупредиле раководството на МРТ дека дополнително ќе го прекршат законот ако склучат договори со авторите на песните. Министерството нема да одобри исплата на средства за избраните композиции. Тие истовремено почнале да вршат детаљна проверка на претходните конкурси.

Жирито на последниот конкурс за субвенционирање на македонската музика го предводеше Константин Карев, а за спонзорството одлучуваа Бекир Алиу, Панче Илиев, Благоја Здравковски и Деан Ќурчиев.

 

Scroll to Top